| четврток, 6 декември 2018 |

Победникот на Суперкупот нема да слави во Скопје

Победникот од суперкупот нема да слави во Скопје. Според информациите објавени на интернет страницата на скопскиот аеродром, први ќе пристигнат фудбалерите на Манчестер Јунајтед со лет од Манчестер со авиокомпанијата „Титан ервејс“ во 12:55 часот.

Четириесет минути после нив, односно во 13:35 часот треба да слета и авионот од Мадрид на авиокомпанијата „Ибериа ерлајнс“. Двата тима ќе бидат спроведени до хотелите во кои ќе престојуваат со силно полициско обезбедување, кое ќе биде покрај нив 24 часа додека се во Скопје.

Според досегашните информации кои излегоа во јавноста, тимот на Манчестер Јунајтед ќе престојува во хотелот „ТЦЦ Плаза“, а фудбалерите на Реал Мадрид во „Александар Палас“.

Во попладневните часови по пристигнувањето, двата фудбалски тима ќе одржат одвоени прес-конференции и по еден тренинг. Први на „Телеком арената“ ќе тренираат фудбалерите на Манчестер Јунајтед од 17.30 часот, а фудбалерите на Реал Мадрид ќе одржат тренинг од 19.30 часот.

Судејќи според информациите објавени на интернет страницата на скопскиот аеродром, победникот на Суперкупот ќе нема време да ја прослави титулата во Скопје, бидејќи и двата тима ќе си заминат веднаш по натпреварот. Летот за Мадрид е закажан 15 минути по полноќ, додека за Манчестер ќе полетаа два авиона – едниот 30 минути по полноќ, а другиот во 1 часот наутро.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top