| четврток, 6 декември 2018 |

ВМРО-ДПМНЕ: Неспособноста на СДС ја однесе првата жртва од пожарите

Неадекватниот однос на СДС со пожарите вчера ја однесе првата човечка жртва во скопското село Љуботен, каде е пронајдено изгорено човечко тело. Изгубен е живот кој со навремена реакција на институциите би бил спасен, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

„Потребна беше човечка жртва за владата на Заев да свика координативна седница за пожарите. СДС треба да почне да работи на решавање на проблемите на граѓаните, наместо на доцни вечерни седници да донесува закони кои на шверцерски начин сака да ги спроведе далеку од очите на јавноста. СДС мора да сноси одговорност за пожарите кои со ненавремено локализирање прераснаа во хаос, а цела Македонија е претворена во едно огромно жариште, што претставува опасност по граѓаните нивниот живот и здравје, но и животната средина.

Во селото Могилец 5 фамилии останаат без кров над главата, причинета е огромна материјална штета низ повеќе села во Поречието, изгорени се огромни површини шума во најшумовитиот крај на државата, а владата на Заев со прст не мрднува“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

СДСМ возврати:
„Во недостиг од идеи и без капацитет да ја надмине матрицата на криминалниот врв, ВМРО-ДПМНЕ очајнички се обидува да шири паника помеѓу граѓаните, целосно неосновано, без аргументи и со измислување на настани што немаат никаква врска со реалноста. Согласно информациите на државните институции, случајот во Љуботен не е поврзан со пожарите. Ваквото несериозно и неодговорно однесување на ВМРО-ДПМНЕ е скандалозно и нечесно кон граѓаните и државата. Надлежните институции заедно со сите ангажирани лица на терен прават се за нормализирање на состојбата и санирање на штетите од пожарите, за коишто, за дел од нив, постојат индиции дека се подметнати“, се вели во партиското соопштение.

СДСМ информира дека се преземени се сите неопходни мерки за локализирање и гаснење на пожарите, како и превенција од нивна повторна појава.

„ВМРО-ДПМНЕ треба да ја надмине идејата за личен и партиски профит на која одамна е навикнато, да почне да се однесува сериозно и одговорно и да престане неосновано да шири паника. Нема потреба од паника и лажни вести, граѓаните треба да бидат смирени, институциите работат на гаснење на пожарите и санирање на штетите“, порачуваат социјалдемократите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top