| четврток, 6 декември 2018 |

Традиционална Семакедонска средба во потпелистерското село Трново

Матицата на иселениците од Македонија, Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија-Битола, Сојузот на Македонците од Егејот-Македон и Светскиот македонски конгрес денеска во потпелистерското село Трново ја одржаа традиционалната 46. Светска македонска иселеничка средба и 37. Погранична средба на Македонците од Егејскиот дел на Македонија.

Народниот собир во Трново го отвори Иван Џо Петрески, претседател на Матицата на иселениците од Македонија, кој истакна дека Илинден е духовна ризница со безвремена вредност.

– Повикуваме на враќање на пораноиселените нашинци, бараме власта да создава услови за живот и работа во Македонија. Тука сакаме да го слушаме детскиот џагор, овде да му се радуваме на животот. Илинден 1903 година беше дело на целиот македонски народ, а негова круна беше АСНОМ 1944 година. Илинден е духовна ризница со безвремена вредност, Илинден е меморија на македонските национални успеси од минатото и порака за иднината, посочи Џо Петрески.

Во своето обраќање пред присутните гости и претставници на јавниот и политичкиот живот од градот и државата, претседателот на Светскиот македонски конгрес Тодор Петров искажа јавни критики кон досегашните влади и потсети на државните обврски кои произлегуваат од Референдумот одржан во 1991 година.

– Отфрламе Референдум за ратификација на меѓународен договор и промена на Уставот заради промена на името на државата Македонија. Прашањето за името на државата е затворено со Референдумот од 8 септември 1991 година кога Македонците, македонските државјани во апсолутно мнозинство гласаа за суверена, самостојна држава Македонија. ЕУ и НАТО не се достојни за промена на името на државата и идентитетот на нацијата. На овој свет ден повикуваме на семакедонско помирување и обединување. И покрај сите разлики меѓу нас Македонците, никогаш не смееме да заборавиме дека и кога сме противници не сме непријатели, кога различно мислиме не смееме да се мразиме, рече меѓудругото Петров.

По завршувањето на официјалната програма, изјава даде министерот Љупчо Николовски кој заедно со министрите Зоран Шапуриќ и Дејан Павлевски присуствуваа на Семакедонската средба во Трново. Николовски изјави дека организаторот ги известил дека не било планирано обраќање на владин претставник на собирот, и затоа упати пораки по завршувањето на програмата.

– Од Трново испраќаме порака и почит кон Илинден 1903 и АСНОМ Илинден 1944 кога беа ставени темелите на независна, самостојна, демократска Македонија, но и Македонија во која што ќе се почитуваат сите вредности. Македонија во која ќе има и еднаквост и слобода но и правда. Цврсто сум убеден дека самостојна, унитарна и независна Македонија со промените кои што се случија, чекори напред кон една развиена, демократска модерна држава членка на НАТО и ЕУ. Македонија ги прифати предизвиците, Македонија гради добрососедски односи и партнерски односи со сите држави од регионот. Македонија има огромна поддршка од граѓаните за сите демократски процеси, за правдата која треба да ги стигне сите и токму од Битола ја испраќаме пораката дека никој нема да се спаси од одговорноста и од правдата со манипулации, лаги и со разни интриги кон граѓаните. Граѓаните знаат, граѓаните се сигурни во унитарна и демократска Македонија во која ќе има еднаквост, слобода и правда за сите, изјави министерот Николовски.

По завршувањето на официјалната програма во Трново, изјава даде и пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ во Собранието на Република Македонија Зоран Илијовски.

– Поддршката на овој настан секогаш била во насока на обединување на македонскиот народ. Овој голем празник ни дава можност сите ние да се обединиме со цел зачувување на македонските национални интереси. За жал, тоа што се случи вчера со потпишувањето на Договорот од страна на Владата на Република Македонија со бугарската Влада отвора сомнежи за разнебитување на македонскиот народ, отвора сомнежи за разнебитување на македонските национални интереси и ние како ВМРО-ДПМНЕ во првата прилика кога ќе имаме можност да го разгледаме и влијаеме врз Договорот, тој ќе се преразгледа и ви ветувам ќе биде видоизменет, изјави Илијовски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top