| четврток, 6 декември 2018 |

ВМРО-ДПМНЕ: Има ли пилот во авионот на Министерството за здравство

Неспособноста и хаотичноста на Владата на Заев и СДС повторно се докажа на јавна сцена. Откако вчера заменик-министерот за здравство Гоце Чакароски соопшти дека ќе бидат сменети 33 директори на здравствени установи, денес министерот Таравари соопшти дека неговиот заменик избрзал со најавата за смена на директорите, за потоа да истакне дека 50 директори ќе бидат сменети, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Очигледно е дека партиските превирања за кадри со кои ќе продолжи „јадењето живи луѓе“ и партизацијата по принципот „од чистачка до директор“ не запираат. За сето тоа време трпи здравствениот систем поради хаосот кој го направија СДС и Таравари.

Министерот Таравари кој од Соединетите Американски Држави тврдеше дека се е под контрола во неговиот ресор, иако две лица починаа од непозната болест, уште еднаш со оваа изјава докажа дека кога ќе каже дека „се е под контрола“ значи дека всушност ништо не е под контрола и аматеризмот и нестручноста на Владата на Заев и СДС го доведуваат во ризик животот на пациентите.

Логично е да се постави прашањето: Има ли пилот во авионот на министерството за здравство? Ваквите одлуки придонесуваат кон целосно дерогирање на здравствениот систем и загрозување на функционирањето на здравствените установи.

Оттука, сериозна е опасноста поради непрофесионалноста, неодговорноста и негрижата на власта на СДС и министерот за здравство, ситуации со епидемијата во Симница, гостиварско да ни се повторуваат со уште поголеми жртви и штети, додека тие тврдат дека „се е под контрола“.

За целокупната негрижа, неодговорност и неспособност на СДС набргу ќе следи политичка одговорност, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top