| четврток, 6 декември 2018 |

Фудбалската федерација на Албанија не дозволува Морина да биде екстрадиран во Србија

Албанската фудбалска федерација ги повика албанските власти да ја запрат екстрадицијата во Србија на мажот кој е обвинет дека управувал дрон со албанско знаме над стадионот во Србија, предизвикувајќи насилство меѓу навивачите.

Исмаил Моринај беше уапсен во Хрватска во јуни врз основа на потерница издадена од Србија. Судот во Дубровник се согласи оваа недела да го екстрадира 35-годишниот Албанец во Белград.

Денеска, Албанската фудбалска федерација излезе со соопштение во кое ја повикува албанската влада да интервенира и да ја запре екстрадицијата на Моринај во Србија.

На 15 октомври 2014 година во Белград се играше натпревар од квалификациите за Европското првенство меѓу екипите на Србија и Албанија. Фудбалската средба беше прекината во 42-та минута по немирите што избија кога над стадионот прелета дрон, на кој се вееше албанското знаме, со ликовите на основачот на албанската држава, Исмаил Кемал и на албанскиот националист Иса Болетини.

Албанската фудбалска федерација го увери денеска семејството на Моринај дека ќе продолжи да се бори за запирање на неговата екстрадиција, и оти ќе ги искористи сите институционални и дипломатски патишта.

Група албански фудбалски навивачи, наречена „Црвени и црни фанови”, повика вечерва во Тирана да биде организиран митинг, за да се изврши притисок врз владата да интервенира во случајот.

Моринај е од североисточниот регион Кукс, но живее во Италија. Тој редовно ги посетува натпреварите на албанскиот национален фудбалски тим.

Неговиот брат Џеваир се пожали пред локална телевизија дека Владата не обрнува доволно внимание на случајот и изјави дека животот на Исмаил ќе биде во опасност во Србија.

– Ја повикуваме албанската држава да се вмеша и да ја запре екстрадиција во Србија. Ние како семејство, ќе направиме нешто многу радикално, кое ќе ги изненади сите, изјави Џеваир, без да навлегуваме во детали.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top