Синоќа сум заспал и еден таков сон сум сонувал, како се оправила државата и сите сме имале по 2.000 марки плата, сабајлето кога стана сум се помочал од среќа… раскажуваше Цацко Коњопишки во деновите кога беше одличен комичар. И сега некој реши сонот да му се види јаве. Да „дојде живот“ и тој да трие раце од таканаречениот живот. Овој пат не во какво било комично шоу. Овој пат во вистинско реално трагикомично шоу.Прво дојде Цацко Коњопишки, па потоа и Сашо Тасевски за директор на Драмски. Премногу хумор за краток период. Неспорни се некои нивни квалитети. Но, сепак, односите со јавноста е нешто посериозно од скеч во К-15 или вулгарна колумна или книга на Сашо Тасевски.
И така Љупчо Каров – Бубо стана советник на министерот за комуникации, отчет и транспарентност, Роберт Поповски. Ќе советува како министерството да стане министерство за пропаганда. Каров беше од тие вечните борци за демократија, главните критичари на, како што велеа ,секоја власт што ќе дојде. Ама некако поубаво им дојде во прегратките на новата власт, отколку на чело на критичноста. Сите тие таканаречени борци и критичари сега станаа главни креатори на владиниот Пи-Ар. Комичарите и твитерџиите сега имаат нова улога – да ја шират пропагандата. Тие што боеја згради по улиците, викаа, повикуваа, негодуваа, стоеја на бината пред МТВ држејќи говори, „пеејќи“ стихови, сега се сместија под државна капа. Кој во собраниска сала, кој на советничко место, некој на портпаролско. Има доволно место во владата, со оглед дека таа сака да ги држи под контрола сите институции. Ќе формира секторот за информирање на јавноста со 40 лица. Преку еден центар ќе се координираат сите информации што ќе ги даваат владините тела. Со други зборови, се формира министерство за пропаганда, кое, во секој случај, ќе сака да пласира само позитивни информации за владата, а, во исто време, ќе ги блокира министерствата и другите институции да даваат навремени информации, кои можат да ѝ наштетат. Им се врзуваат рацете на луѓето по министерствата. Нема креативност и независност од „централата“. Тоа што повеќе плаши е дека ќе се направи нова „Фабрика“, како од времето на владата на СДСМ кога премиер беше Владо Бучковски, а дел од таа влада има и во сегашните институции. Група новинари по работното време подготвуваа прашања и одговори за владините претставници. Речиси иста приказна како сегашната, само што сега место со црни пари, луѓето што ќе го работат ова ќе бидат вработени во владините институции.
Роберт Поповски ја смирува јавноста велејќи дека нема да има влада на која Пи-Ар ѝ е поважен од реалноста. Но ретко кој му верува, особено по неколку потези – вработувањето на Петрит Сарачини, на Влатко Васиљ, на Никола Наумовски, на водителката на „Фчерашни вести“, Јована Аврамовска. Револтот кај јавноста е голем. Уште поголем е кај тие што слепо веруваа дека одеа по улиците и спиеја во шаторите за некаков живот што им го ветуваа. Дојде живот, но не за сите.
Васиљ – ако не прифатев, ќе бев себичен
Влатко Васиљ се обиде да го оправда своето вработување во владата. Вели дека би бил себичен ако останал постојан критичар и ако не го дал своето знаење и својата стручност.
– Го поминав поголемиот дел од последните десет години во критика на тоа што сметам дека не беше нормална власт, туку систематски организирана, репресивна диктатура, која за единствена цел имаше лично богатење. Позицијата на критичар не си ја доделив сам, ниту, пак, некој ми ја даде. Социјалните мрежи се место каде што секој може да каже што мисли. Јас го искористив тоа свое право. Очигледно, тоа што сум имал да го кажам, резонирало со многу други граѓани, кои во моите твитови и статуси гледаа слични ставови, кои најчесто не беа ништо повеќе отколку барање разум и свест во ситуации на општествено лудило. Можев да бидам себичен и да изберам да останам критичар на социјалните медиуми и да го задржам своето конто како постојан критичар. А можев и да ги изберам моето знаење, стручност и познавање на новите медиуми и да ги применам на дело и да помогнам токму таму каде што бев критичен. Мојот стремеж е да бидам промената за која се борев и промената што сакам да ја видам. Си го должам тоа себеси и на сите тие што ме знаат и познаваат. Затоа се решив да ја прифатам понудата на новата власт и да бидам соработник и дел од тимот задолжен за комуникации со социјални медиуми и за дигитална транспарентност. Цврсто сум убеден дека оваа одлука е вистинска и дека јавноста ќе се увери многу бргу во нејзината исправност, односно дека, навистина, може да се работи во служба на граѓаните и тоа да се прави многу подобро, поквалитетно и потранспарентно – пишува Влатко Васиљ, по што следуваат низа коментари за неговото, како што стои, „продавање“.
Бранителите на Заев го осигурија џебот
Се правдаше и Сашо Тасевски. Изненаден бил од одлуката. А немал партиска книшка. Немале партиска книшка никој од тие што се вдомија во Владата. Партиска книшка за лепачите на плакати. Треба да им се плати на другите – таканаречените револуционери, борци за промена. Или, подобро кажано, борци за промени на сопствениот џеб.
Дека владата на СДСМ вработува кадри што размислуваат и дејствуваат во нивни интерес посочија и од ВМРО-ДПМНЕ.
– Прочитани се и добро запаметени од сите граѓани, овие профитери и одработувачи, како што се: Зоран Бојаровски, Бојан Маричиќ, Дане Талески, Марјан Забрчанец, Петрит Сарачини, Никола Наумовски, Бранимир Јовановиќ, Влатко Васиљ, Дарко Лешоски и многу други сеачи на магла, кои ги гледаме изминатиов период. Овие профитери се претставуваа како невладин коректив на власта и ја лажеа целата јавност дека бранат интереси на граѓаните. Со нивното ставање на платен список на Владата на Република Македонија се покажа дека цело време ги бранеле само интересите на Заев и на СДС, за што дебело биле платени и тогаш и сега – изјави неодамна потпретседателот на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.
Пратеникот Антонио Милошоски на свој начин прокоментира реформата на СДСМ:
Кој од (не)зависните вработени во Влада има најголем реформски потенцијал за „Живот“ и плата од 500 евра?
- Ќерката на Тито Петковски
- Синот на Самка Ибраимовски
- Влатко Васиљ од шарените
- Петрит Сарачини од шарените
- Марјан Забрчанец од (не)владините
- Бубо Каров – Цацко (не)комичар
И новинарот Цветин Чилиманов со критика за низата вработувања. Вели „ вработувањето на Цацко, Лешоски и на екипата од „Фчерашни вести“, Васиљ и другите кловнови во влада е супер за забава и за фаќање сеир. Сериозните работи што не смееме да ги губиме од вид се договорите за распродажбата на национални интереси со Бугарија, Албанија и со Грција. Но, да не заборавиме и на бегалците. Во моментов, странските газди на „црпнатиците“ им подготвуваат стратегија според која Македонија ќе мора да им дава државјанства на мигранти вратени од Германија, па уште и да дозволи синџир-миграција (ако дојде еден член на семејството, да мора да го примиме целото семејство)“.
И нивните против нив
Критики стигаат и од довчерашните поддржувачи на СДСМ и гласни критичари на владата на ВМРО-ДПМНЕ.
„Владата комплетно ја потцени цела македонска јавност со тоа што ангажираше луѓе за Пи-Ар, кои претходно, преку своите досетки и смисла за хумор успеаја да внесат светлина во мрачниот 10-годишен период. Тоа што на луѓето им беа симпатични на социјалните мрежи или на екраните, ни под разно не укажува на тоа дека истата таа симпатија ќе ја имаат и како државни службеници. Од смисла за хумор на социјални мрежи до Пи-Ар на влада има илјадници чекори, цела наука бре луѓе. Цела армија за комуникации од познати ликови мене, искрено, ме плаши, не ми асоцира на транспарентност. Напротив, ми остава впечаток дека Роберт Поповски создава пропагандна машинерија, слична на претходната, со таа разлика што на претходната не ги знаевме имињата“, пишува новинарката Мери Јордановска.
Владо Апостолов, исто така, еден од новинарите критички настроени кон претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ, со свој коментар:
На Пи-Арот во влада, очигледно, му треба Пи-Ар.
И водителот Огнен Јаневски, еден од погласните во шарената револуција, испрати порака – да си седите мадро и да работите турбо на реформите, а не да создавате комуникациски џин, кој ќе постави огромна пречка меѓу вас и граѓаните.
Пропагандните фабрики на СДСМ
Социјалдемократите се испраксирани за демократија со затворени очи и со залепена уста. Тие својата проба ја имаа уште во времето на Радмила Шекеринска и на Владо Бучковски. Јавноста сѐ уште зборува за најголемата афера во времето на владеење на СДСМ, кога Радмила Шекеринска беше вицепремиерка. Тогаш се случи „Фабрика“. Тогаш, на неколку метри од зградата на Владата, во една куќарка, се пишуваа текстови, се уредуваа вести и се креираше перцепција во интерес на СДСМ. Фабриката ја раководеше Петар Арсовски, еден од главните аналитичари на социјалдемократите, и Зоран Јачев од „Транспарентност“ на Слаѓана Тасева. Во аферата „Фабрика“ каде што биле ангажирани новинари да фабрикуваат текстови во корист на владата на СДСМ, беа споменувани многу новинарски имиња, меѓу кои и Горан Теменугов, Борјан Јовановски, Сабина Факиќ, Герман Филков и други.
Министерот на СДСМ за внатрешни работи, Томислав Чокревски, велеше дека постои административен брак меѓу новинарите и државата, а перјаникот на СДСМ, Љубомир Фрчкоски за македонското новинарство, од позиција на министер, изјави „наменски се одгледува како печурка во подруми и се храни со гомна“.
(Текст објавен во 256. број на неделникот „Република“, 28.7.2017)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.