| четврток, 6 декември 2018 |

Манојлоски: СДСМ не дава пари за регионална депонија во Тетово

На денешната седница на Комисијата за финансирање и буџет каде се уште трае дискусијата по амандманите за ребалансот на буџетот, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Горан Манојлоски даде свое образложение по поднесениот амандман за изработка на физибилити студија за регионалната депонија во Тетово.

Манојлоски посочи дека овој амандман е од огромно значење за Тетово и полошкиот регион и токму затоа е повеќе од потребно да се прифати бидејќи загадувањето во Тетово е алармантно.

-Бидејќи јас доаѓам од полошки регион, чувствувам за сходно да се обратам по повод овој амандман. Секако дека ова ќе го поддржам затоа што има повеќе факти, аргументи поради кои што ова е многу важно за сите нас. Кажавте дека веќе физибилити студијата е при крај. Жив сведок сум дека се прават само физибилити студии, а ништо не се реализира. Реалност е ѓубрето во Тетово, реалност е загадувањето во Тетово. Ѓубрето во Тетово го покривате со реклами на влезот во градот само за да не можат да видат граѓаните што се случува, посочи Манојлоски од ВМРО-ДПМНЕ.

Тој побара веднаш и брзо да се реагира и конечно да се реши овој проблем со загадувањето и огромната количина на ѓубре во Тетово.

-Значи, апсолутно треба веднаш и многу бргу да се реагира во најскоро време да се пристапи кон решавање на овој проблем. Од овој проблем најмногу е засегнато Тетово и покрај тоа што е најголема општина во полошкиот регион наместо да е најсредена, таа е најпрљава општина во целиот регион. Ова говори само едно, за способноста на градоначалниците кои што се избрани од народот за да го решат проблемот, заврши Горан Манојлоски од ВМРО-ДПМНЕ.

Сепак, СДСМ и Министерството за финансии не го поддржаа овој амандман иако во изминативе години пратениците од СДСМ беа најгласни по однос на ова прашање.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top