| четврток, 6 декември 2018 |

Психолошки холокауст над македонскиот народ – на Илинден

Територијалните ѕверки го замочуваат просторот

Алдо Климан

Ќе го издржиме и ќе го преживееме и овој мизерен психолошки
холокауст: Борисов спроти Илинден во Скопје на потпишување на, веќе
видено и потврдено, еден апсолутно антимакедонски договор; пучистот и рушител на македонската државност Џафери во Крушево на Илинден ќе држи говор на Мечкин Камен; Дачиќ забранува одбележување на Илинден во манастирот Прохор Пчински. Бедни политичари во бедно време. Tанц на морални мртовци.

Бурата секогаш го исфрла на брегот најголемото ѓубре. Оваа најстрашна, најдрамтична и најпонижувачка бура во историјата и во животот на македонскиот народ што ја предизвика и што ја овозможи светскиот предавник без преседан Зоран Заев – во морална и во секоја друга смисла го направи истото. Погледнете само што и кого исфрли таа бура на нашиот македонски брег, денес во 21 век: агресивни и освестени неранимајковци, криминалци, острвени грабежливци и кариеристи кои за своите најподмолни цели газат преку се’ живо и мртво, кретени и медиокритети од сите видови, и ужасна толпа бесни, нецивилизирани, дивјачки странски и домашни освојувачки насилници.

На злодејците секогаш прва и најважна цел им е да ја понижат жртвата, да и’ го поништат идентитетот, да и’ го одземат достинството, да и’ ја доведат во прашање смислата на сопственото опстојување, да
предизвикаат апатија, длабоко самонепочитување и потреба од
самопредавање, а нивниот насилнички чин да биде морално и емотивно што поподмолен, што поболен и што поциничен, како натписот на влезот во нацистичките логори „Работата ослободува“.

Тоа е морничавата смисла и на ова бедно фашистоидно сценарио за
понижување на македонскиот народ токму на Илинден: нашиот најсветол и најсвет национален празник Илинден да се погази и да се изгази како ништожен, од нашиот Илинден и од нашите Илиндени  и од нас Македонците да се направи салата, нашата најголема гордост и достоинство да се избербати и да се контаминира со други значења, славниот македонски историски датум, историските места и настани да се претворат во одбивни симболи и негативни мемории, зашто треба да се идентификуваат со реата на туѓата и туѓинска освојувачка моч со која тие ги загнасуваат.

Силата и глупоста се неразделни близначки што постојано канибалски и некрофилски се хранат од сопствениот гнил мозок. А сега, за жал,
силата и глупоста царуваат во Македонија и околу неа. Ете, оттаму  се
шири таа морална и мортална смрдеа со која ја затроваа нашата преубава невина земја Македонија, која е предвидена за големо духовно и национално гробиште на македонскиот народ, а притоа – за
злосторничкиот ништителски цинизам да биде тотален, апсолутен –
Македонците мораат сами да си го ископаат гробот, и тоа по
парламентарен и дипломатски пат.

Затоа на овој Илинден ќе голтаме горчливи голтики.

Најнапред ќе го видиме во Скопје големобугарскиот премиер Борисов како чорбаџиски си се башкари во политичкиот бордел на Зоран Заев, за потоа со еден лежерен потег на перо врз предавничкиот и капитулатнски договор што ќе му го сопотпише најбедниот меѓународен вазал и подлизурко со крими-профил, да ни ја поништи целокупната наша македонска историја и култура, нашиот национален идентитет, името на македонскиот народ и името на нашиот македонски јазик во неговата изворна културно-историска вредност и значење, и длабоко да ја инволвира Бугарија дури и во менаџирање со најсуптилните општествени, човечки и други права и слободи во современиот живот на Република Македонија.

Истовремено, еве ни го и големоалбанскиот пучист Џафери, кој на
Илинден ќе го видиме како држи говор во Крушево. Господ да чува и да пази! Ме чуди само како сепак не се нашол некој од неговите пријатели Албанци да му каже „абре, немој Талат, не се резили така, тоа не бива, пред микрофонот на Макчкин Камен ќе бидеш како чичка закачена на трн“.

И навистина, што има Џафери да ни каже за Илинден? Па Илинден е нашето македонско длабинско светочувствување, нашата неподелена национална и емотивна внатрешност, Илинден е срцето на нашиот идентитет, а со сето тоа Талат Џафери нема ама баш ништо заедничко, ниту пак тоа воопшто го допира. Своето големоалбанско светочувствување тој јасно и недвосмислено го покажа и го докажа со учеството во државниот удар во Собранието на Република Македонија и со грубо дезавуирање на Уставот и на законите на Република Македонија, што беше и е најдиректна негација на придобивките на Илинденското востание.

Јасно е дека ни наближува еден Илинден психолошки завиен во црно…

Но ќе мораме и овојпат, како и толкупати во последниве месеци, цврсто да ги стиснеме забите и да го издржиме и тоа лудило, но и најитно да се свртиме кон една многу важна и голема, длабинска општествена работа – кон општомакедонско национално помирување. Зашто, како што рекол Линколн, „куќа поделена надве, не може да се одржи“.

 

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top