Ана Кондратенко е врвна виолинистка од Русија, која живее и работи во Македонија. Таа е прва виолина, односно концертен мајстор во Македонската филхармонија. Ана за „Република“ открива дека Македонија секогаш ја поврзувала со Александар Македонски, земја на легенди и на митови. Таа вели дека поради душевната организација и словенските корени на Русија и на Македонија, но и помошта од семејството овде и при првата посета на земјата се почувствувала како да е дома. Ја сака македонската традиција, обичаите. Презадоволна е од македонската публика, која ја следи на нејзините концерти, но, сепак, смета дека културата и образованието во оваа земја не се доволно ценети
Кога првпат ја запознавте Македонија?
Првпат слушнав за постоење на Македонија во 2000 година, за времето на моите студии во Келн (Германија) каде што се запознав со неколку мои колеги-музичари што имаа потекло од Македонија. Меѓу нив беше и мојот иден сопруг – Олег. Срам ми е дека не бев свесна за постоење на таква земја како Македонија, ама имам оправдување-олеснување што јас не бев единствена што се чудеше дека Македонија сѐ уште постои и е дел од поранешната Југославија. За повеќето од нас тоа беше само како некоја земја од легенди и митови за Александр Македонски.
Доаѓате од земја со поинаква традиција и култура од македонската. Како успеавте да се адаптирате на новиот начин на живот овде?
Во тоа многу ми помогнаа неколку фактори. Прв и најважен од нив е мојата свекрва Блага, која многу се трудеше за овде да се чувствувам како дома, да ми најде друштво, да ми ги објасни и да ме научи на македонската традиција и обичаи. Со еден збор, таа ми беше како ѕвезда-водилка во првите месеци на живеење овде. Втор битен момент беа словенските корени на нашите народи. Сличност на душевна организација, многу поблиска меѓу Македонци и Руси, отколку, на пример, меѓу Руси и Германци. Во Германија живеев и учев четири години, ама сепак не ја почувствував таа земја како мој дом. Меѓутоа овде, во Македонија, тоа чувство ми дојде уште при првата посета во 2002 година.
Како се решивте да останете да живеете овде?
По волја на судбината, откако се земавме со Олег (свадбата беше во Русија), тој доби покана за место доцент на Музичката академија во Скопје. Јас бев решена да го следам него каде и да нѐ однесе живот.
Имате завидна кариера во Македонија, а македонската публиката со радост е дел од сите Ваши концерти и професионални појавувања, задоволни ли сте од тоа колку во оваа земја се цени Вашата работа?
Јас лично сум презадоволна од публиката, која ме знае и ме следи на моите концерти овде, во Македонија. Меѓутоа, ако зборуваме генерално, има недостиг од разбирање кај луѓе што поретко се интересираaт за класична музика (посебно политичари) за тоа колку на еден музичар-изведувач му треба труд, инвестиција на пари и на време, колку треба откажување и жртвување од најмалата возраст за да се развие до некое средно ниво на свирење со кое може да се обиде да најде работа како музичар. Да не зборувам за тие поединци што ќе успеат како реномирани солисти. Еден просечен виолинист (клавирист, виолончелист) за да дојде до диплома за високо образование во својот живот ќе треба да положи 70 испити само по стручни предмети. Тука не ги бројам концертите што треба да се свират најмалку двапати годишно. Плус настапи на различни натпревари, а во средно и во високо музичко образование доаѓаат на ред и многубројни аудиции. За споредба, Правен факултет со пет години образование има 45-50 испити вкупно. А целиот овој напор и труд во Македонија се вреднува со највисока плата на музичар колку плата на хигиеничарка на Правен факултет. Во никој случај не сакам да го потценам трудот на тие работници, јас сакам да кажам само дека економската ситуација на една земја се проценува и по просечната плата на вработените во културата и во образованието. Со тоа се покажува колку тие професии се ценат и на кое ниво е јавната свест за културата и за образованието. За жал, во Македонија еден музичар или учител не се чувствуваат доволно ценети…
Како врвна виолинистка и човек што ја негува музиката, која е вашата оцена за македонската музика?
Како снаа на еден од доајените на македонска народна сцена, можам да кажам дека македонската музика е богата со преубави мелодии и препознатливи ритми, кои се познати во целиот свет („Јовано, Јованке“, „Македонско девојче“), ама не се знае доволно дека тоа се македонски мелодии. Сметам дека мора да се работи на промовирање на македонската музика надвор, ама и овде, дома.
Ви се допаѓа ли македонската традиционална кујна?
Искрено, ми беше потребно некое време за да се навикнам на некои од специјалитети како на пример, тавче –гравче… Ама од првиот залак се вљубив во македонските пиперки на сите можни начини. Посебно кога се направени од Блага. Пробав да ѝ се доближам во уметност на готвење за да им направам нешто од вкусните јадења на моите роднини во Русија, ама тоа совршенство од пинџур сѐ уште не сум го постигнала.
Колку имате слободно време за да ја истражите Македонија?
За жал, во брзиот ритам на денешното живеење, местата во Македонија што ги посетив за овие 15 години можат да се пребројат на прсти.
Според Вас, кое е местото што секој што доаѓа од друга земја треба да го посети?
Нема да бидам оригинална и ќе кажам дека мора да се посети Охрид. Кога дојдов првпат во Македонија, Олег ме однесе право таму. Секако, има уште многу места низ целата земја каде што можат да се доживеат незаборавни моменти.
Дали Ви недостига родната земја?
Секако.
Кои се Вашите планови, останувате ли во Македонија?
Засега, да.
Пишува:К.Н.К
(Тектот е објавен во Неделник Република)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст