| четврток, 6 декември 2018 |

Македонче, крени глава гордо, високо!

Го повикувам бугарскиот премиер Бојко Борисов и бугарската министерката за надворешни работи Екатерина Захариева да ги признаат македонскиот народ, македонскиот јазик, македонската култура и посебноста на македонската национална историја и да му дадат одбивна крошничка на Зоран Заев! Тоа би било супер! Сите проблеми меѓу нашите две држави и меѓу нашите два пријателски народа веднаш би биле решени, а Заев би си останал смешен кловн каков што е и би можел да си се посвети на повеќегодишно осамено гледање на надалеку прочуениот документарен филм за своето криминално ремек-дело „Зоран Заев бара поткуп”.

Алдо Климан

Во врска со најновата невидена возбуда во бугарските медиуми би сакал да го речам следново: господинот Бојко Борисов и госпоѓата Екатерина Захариева не се никакви богови, не дај Боже, туку само најобични луѓе од крв и месо од кои никој не се тресе, барем не во Република Македонија, а колку што ми е познато тие не се ставени ни под заштита на УНЕСКО или на некоја друга меѓународна организација што се грижи за природните реткости. Затоа ми е многу чудно што во бугарските медиуми се крена толку голем прав во нивна одбрана само затоа што во македонските медиуми наједноставно се цитирани нивните вообичаени секојдневни искажувања, или се наведени нивните општопознати груби негаторски ставови во поглед на името на македонскиот народ, на македонскиот јазик, на македонската култура и на македонската историја. Па зарем, господине Заев, во Македонија веќе и цитатите се забранети?!

Целиот свет знае дека на дотичните лица не им се случило ништо друго, освен што на заинтересираната македонска и на пошироката, очигледно и бугарска јавност, јасно им е покажано дека нивните ултранегаторски ставови и искажувања во однос на македонскиот народ, на македонскиот јазик, на македонската култура и на посебноста на македонската национална историја претставуваат најординарен говор на омраза. Знам дека не им се допаѓа таа грда слика за нив самите, но што да се прави – вистината секогаш боли.

Еве, никој не им брани, и ги повикувам и двата во истите тие македонски медиуми на кои, за среќа, сеуште не се спуштила погубната цензорска рака на Зоран Заев и на неговите надлежни министерства, пред македонската, пред бугарската, пред европската и пред светската јавност да го докажат спротивното, т.е. дека нивните зборови не се говор на омраза и јавно да признаат дека постои македонскиот народ, дека постои македонскиот јазик, дека постои македонската култура и дека македонската национална историја е одделна од бугарската, и особено, како пријателска гест-посластица, да кажат дека во Република Бугарија постои бројно македонско национално малцинство. Е, тоа би било навистина супер и потоа сите заедно би го прославиле тој голем ден со баклави, тулумби и боза! Во спротивното, господине Борисов и госпоѓо Захариева, ништо не се може – си останува искажаната вистина за вашиот говор на омраза кон македонскиот народ и тука нема што да се додаде ниту да се одземе.

За малку да ги охрабриме ови бугарски првенци поради нивната покажана вчудовиденост, резигнација, па вознемиреност, и на крајот емотивна премаленост заради тоа што на светов има и многу други што мислат поинаку од нив и од официјалната бугарска политика, ќе го речеме и ова: бидејќи господин Борисов и госпоѓата Захариева се истакнати, очеличени политичари во врвот на власта, кои решително учествуваат во општиот јавен живот за што сами се одлучиле, никој не ги натерал, и тоа не само во Република Бугарија, туку, еве, гледаме, дури претерано интензивно и во јавниот живот на Република Македонија, нема што сега да ни цимолат поради првото критичко ветерче што ги зафатило. Па, како што знаат, меѓународната политика не е детска градинка со лулашки и дрвени коњчиња! Мора да им биде јасно дека освен возбудливиот, забавен, шарен огномет од општонационални пофалби, ловорики и нивно кревање до бугарското небо поради тоа што на меѓународната политичка лотарија како БИНГО го добија македонскиот предавник Зоран Заев, и освен бедните подлизурковски зборови, фото-смешкања и додворувања на тој кутар марионетски премиер и на неговиот придружник и соработник Никола Димитров, разбирливо, постојат и други, сосема спротивни мислења и ставови. А пред се’ и над се’, почитувани господа од бугарскиот политички врв – а знам дека тоа тешко ви паѓа и оти вие тоа никако не сакате да го знаете и да го видите! – постои македонскиот народ кој апсолутно не се согласува со вас и најостро ги осудува вашите меѓународни сплетки, глупости и посегања по Македонија, негирајќи го името на македонскиот народ, името на македонскиот јазик и не признавајќи ги македонската национална култура и историја како одделни од бугарската.

Е сега, господине Борисов и госпоѓо Захариева, ако успеавме малку да ве утешивме со нашите традиционално топли македонски зборови од преубавиот македонски јазик со кој со право се гордее македонскиот народ, бидејќи на тој наш древен и богат македонски јазик што претставува неизмерно светско нематеријално богатство, кое вие би сакале со еден глуп потпис да го поништите, е создавана и создадена пребогатата и непрегледна ризница на македонското, надалеку познато културно наследство – значи, ако колку-толку се успокоивте, тогаш кренете ја слушалката од директниот црвен телефон Софија-Заев-Софија и јавете му се на нашиот предавнички премиер и едноставно откажете го потпишувањето на бесмислениот и бесрамно таинствен договор, барем додека и целокупната македонска јавност не дознае што е тоа што само вие неколкумина посветени царски души таму сте ни свариле. Зашто, во случајов, тој ваш политички бугарско-заевски фастфуд навистина дава неподнослива реа, и ниту се џвака, ниту се вари.

До читање!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top