| четврток, 6 декември 2018 |

Трамп ја затвора Канцеларијата за воени злосторства која ги гонеше југословенските воени злосторници

За двете децении работа, оваа Канцеларија ја поддржуваше работата на кривичните судови за воени злостроства во Југославија, Камбоџа и Централната Афричка Република, истовремено лобирајќи за поголема поддршка на САД во Меѓународниот кривичен суд во Хаг.

Американскиот државен секретар Рекс Тилерсон ќе ја намали американската кампања против воените злосторства ширум светот, така што ќе ја затвори канцеларијата која што 20 години работеше за воените злосторници да бидат изведени пред лицето на правдата.

Кабинетот на Тилерсон неодамна го префрлил Тод Баквалд од позицијата специјален координатор на Канцеларијата за глобална кривична правда (претходно позната како Канцеларија за воени злосторства) во Канцеларијата за правни работи при Стејт Департментот.
Како што пренесува американскиот магазин “Foreign Policy”, се очекува и остатокот од „екипата“ наскоро да биде префрлен на нови позиции.

Затворањето на Канцеларијата за глобална кривична правда доаѓа во моментот кога Тилерсон се обидува да го реорганизира Стејт Департментот, така што силата да биде сконцентрирана на приоритетите на новата администрација, а тоа се економијата и армијата. Тие промени доаѓаат по цена на бројни американски програми кои што ги промовираат човековите права, борбата против сиромаштијата и слично.

Токму ваквите програми беа најмногу погодени со буџетските кратења на администрацијата на Трамп. Портпаролот на Стејт Департментот изјави дека се одвива одредена реорганизација, но се уште „не се знае исходот“, односно кои канцеларии ќе бидат затворени, а кои не.

Оваа Канцеларија беше основана од Медлин Олбрајт во 1997-ма година и за време на 20-те години работа, Канцеларијата ја поддржуваше работата на кривичните судови за воени злосторства во Југославија, Руанда, Камбоџа и Централната Афричка Република, истовремено лобирајќи за поголема поддршка на САД на Меѓународниот кривичен суд во Хаг.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top