Во текот на претстојниот викенд очекуваме пад на температурата и врнежи. Но, и врнежите и падот на температурата ќе бидат позначајни в недела. Сабота ќе ја започнеме со релативно ведро утро, со нешто пооблачно време во југоисточниот крај – објави Метеопро.
Попладне ќе има локално зголемување на облачноста, но повторно овој процес ќе биде поизразен во јужните, особено југоисточните делови од земјата. Во споменатиот крај се очекува развој на нестабилна (купесто-дождовна) облачност која ќе резултира со локален дожд и грмежи. Нестабилно ќе биде и во малешевијата, каде како и во југоисточниот крај, врнежите ќе продолжат и во текот на вечерните часови.
Во ноќта кон недела облачноста ќе се зголемува, а со тоа ќе се проширува и полето на врнежи. Така, во недела наутро врнежи ќе има во поголем дел од земјава, особено во јужната и источната половина од земјата, додека на северозапад врнежите би биле поизолирани.
Проретчување на врнежите се очекува попладне во недела во поголем дел од земјата. Исклучок ќе биде југоисточниот крај, каде врнежите ќе продолжат се до вечерта, а потоа значајно ќе им се намали интензитетот.
Исто така треба да се напомене дека југоисточниот регион очекува поголема количина на врнежи за разлика од останатите краишта, а врнежите ќе имаат локален пороен карактер, а очекуваме локално да наврнат и над 40 литри на метар квадратен.
Температурата, како што спомеавме, ќе бележи пад. Па во сабота максимална вредност ќе биде помеѓу 29°С и 31°С во северниот и западниот регион, а долж југот на повардарието помеѓу 32°С и 34°С.
В недела температурата ќе биде значајно пониска, а вредноста на максималната во голем дел од земјава ќе биде под 25°С.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.