| четврток, 6 декември 2018 |

Две жени настрадаа во напад во Хургада

Две Украинки се убиени во нападот со нож во хотел во египетското одморалиште Хургада, јавуваат египетските медиуми повикувајќи се на официјални претставници.

Уште четворица други туристи се повредени во денешниот напад. Претходно, египетското Министерство за внатрешни работи соопшти дека шест странски туристи од различни националности се повредени. Напаѓачот е уапсен веднаш по нападот. Тој влегол во хотелот пливајќи од блиската плажа и ги нападнал туристите. Мотивот за нападот засега е непознат.

Според неименуван египетски безбедносен претставник напаѓачот планирал да избоде само странци.

„Момчето од дваесетина години за време на нападот на арапски викаше: Тргнете се, не сакам Египќанци“- вели неименуваниот извор.

Претходно, беше објавено дека во нападот повредени се тројца Срби и еден државјанин на Полска. Но, Министерството за надворешни работи на Србија соопшти дека во нападот во Хургада нема повредени српски државјани.

Амбасадорот на Украина во Египет, Генадиј Латиг демантираше дека загинатите туристки се украински државјанки. Тој наведе дека меѓу повредените е и една Русинка, која е родена во Украина.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top