Наместо да одржи брифинг по завршувањето на самитот, Трамп по враќањето во САД го искористи својот профил на Твитер за да објави детали за разговорот.
„Силно го притиснав претседателот Путин двапати за руското мешање во нашите избори“, напиша Трамп. „Тој жестоко го негираше тоа. Јас веќе го дадов моето мислење.“
Како што објави „Ен-пи-ар“, за време на посетата на Трамп на Полска, непосредно пред Г-20, се чинеше дека Трамп ги минимизира наодите на американските разузнавачки агенции кои велат дека постојат докази дека Русија се мешала во американските избори во 2016 година.
– Па, мислам дека тоа беше Русија, рече Трамп.
– И мислам дека тоа би можеле да бидат и други луѓе во други земји. Можеби се вмешале многу луѓе, рече тој додавајќи:
Никој ништо не знае со сигурност.
Тоа е спротивно на она што Ники Хели, амбасадорка од администрацијата на Трамп во Обединетите нации, го изјави за „Си-Ен-Ен“ само еден ден порано.
– Сите знаат дека Русија се мешаше во нашите избори. Сите знаат дека тие не се мешаат само во изборите во САД. Тие го прават тоа и во другите земји и на тој начин се обидуваат да предизвикаат хаос во тие држави, рече таа.
Трамп, исто така, напиша на Твитер дека на состанокот со претседателот Путин не се дискутирало за санкции и дека ништо нема да се преземе сѐ додека не се решат украинските и сириските проблеми, што е спротивно на изјавите на државниот секретар Рекс Тилерсон.
По состанокот со Путин, Тилерсон, кој присуствувал на состанокот, изјави за „Вашингтон пост“ заедно со другите дека на состанокот се зборувало за санкции и дека Трамп се погрижил да ги земе предвид дополнителните санкции што Конгресот сака да ѝ ги наметне на Русија.
– Но, двајцата претседатели, според мене, со право се фокусираа на прашањето како да одиме напред, изјави Тилерсон.
На Твитер Трамп зборуваше и за иднината на американско-руските односи.
„Ние преговаравме за прекин на огнот во делови од Сирија, кои ќе спасат животи. Сега е време да продолжиме да работиме конструктивно со Русија“, напиша тој.
Трамп откри уште еден детаљ од разговорот со Путин:
„Путин и јас разговаравме за формирање заедничка група за кибер-безбедност, така што хакирањето избори и многу други негативни работи ќе бидат заштитени и безбедни“.
„Ен-пи-ар“ се прашуваше дали со тоа Трамп уште еднаш го потврди својот скептицизам за наодите на американските разузнавачки агенции. Во петокот Тилерсон изјави за новинарите дека Стејт департментот ќе го испита прашањето за кибер-безбедноста и прашањето за немешањето.
Шефот на персоналот на Белата куќа, Реинс Прибус, се појави во емисијата „Фокс њуз сандеј“ за да негира дека Трамп не верува во разузнавачките агенции на својата земја и дека тој му поверувал на Путин кога рекол дека Русите не се мешале во изборите. (По состанокот на Трамп и Путин, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, за новинарите изјави: „Претседателот на САД рече дека слушнал јасни изјави од претседателот Путин дека тоа е неточно и дека ги прифатил тие изјави“.)
– Тоа не е вистина – рече Прибус, претседателот апсолутно не поверува во негирањето на претседателот Путин. Подоцна во интервјуто Прибус, кој не присуствуваше на состанокот меѓу Трамп и Путин, звучеше помалку убеден во врска со тоа дали претседателот верува дека Русија се мешала во изборите.
– Да, тој верува дека Русија најверојатно ги извршила сите тие дела за кои ни беше кажано, но, тој, исто така, верува дека и други земји учествувале во таа активност, рече Прибус.
По состанокот, сенаторот Чарлс Е. Шумер, лидерот на малцинството во Сенатот, го нарече состанокот на Трамп со Путин „срамен“. Во соопштение, Шумер рече: „Претседателот Трамп имаше обврска да го изнесе пред Путин мешањето на Русија во нашите избори, како што има и еднаква обврска да ѝ верува на нашата разузнавачка заедница, наместо на рускиот претседател“.
Републиканците, исто така, јавно ја доведоа во прашање тактиката на Трамп да соработува со Русите за прашања поврзани со кибер-безбедноста. Сенаторот Марко Рубио напиша на Твитер: „Партнерството со Путин за заедничка група за кибер-безбедност е слично на партнерството со Асад за заедничка група за хемиско оружје“.
Сенаторот Џон Мекејн во емисијата „Фејс д нејшн” на „Си-би-ес“ прашуваше зошто Русија сѐ уште не е казнета за нејзината улога во изборите.
– Знаеме дека Русија минатиот ноември се обиде да го промени исходот на нашите избори и не успеа, но имаше навистина софистицирани обиди да го стори тоа. Досега, тие ја немаат платено цената за тоа, рече Мекејн.
Сенаторот Линдзи Греам, пак, изјави за „Мит д прес“ дека групата за кибер-безбедност на Трамп со Русија е скоро најглупавата идеја што некогаш ја слушнал. За време на интервјуто Греам, исто така, рече:
Кога станува збор за Русија, тој има слепа точка. Да се прости и да се заборави кога станува збор за Путин во врска со кибер-нападите значи да му се даде поголема моќ на Путин, а тоа е токму она што Трамп го прави.
Заложбата на Трамп да работи со Путин доаѓа еден ден откако „Вашингтон пост“ објави дека руски владини хакери стојат зад кибер-нападите во бизнис-системите на американските нуклеарни и други енергетски компании, според владини претставници на САД.
Извор: „Рефајнери 29“
Превод: Ана Цветаноска
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.