| четврток, 6 декември 2018 |

Тања Чаловска и Бошко Лепчески: Се запознаа во Галичник и сега во црквата „Свети Петар и Павле“ ќе ја крунисаат љубовта

Невестата открива дека на свадбата ќе носи носија стара 100 години, а која првпат ќе биде облечена по половина век.

Тања Чаловска и Бошко Лепчески се годинешните невеста и зет на Галичката свадба која по 44. пат ќе се одржи во Галичник. И двајцата имаат потекло од Галичник така што годинава немале конкуренција при изборот за двојката која ќе се венчава во црквата „Св. Петар и Павле“.

Чаловска (28)и Лепчески (31) се седум години во врска. Граѓанскиот брак веќе го склучиле на 16 јуни во Скопје и сега со нетрпение го чекаат 16 јули, кога ќе се венчаат во нивниот Галичник.

– Се запознавме во Галичник, во ресторанот „Софка“. И двајцата имаме потекло од ова свето место за Македонците. Седум години сме во врска и многу сме среќни што тука ќе се венчаме – вели зетот Лепчески.

Невестата открива дека на свадбата ќе носи носија стара 100 години, а која првпат ќе биде облечена по пола век.

– Носијата и накитот кои ќе ги носам на венчавката се старо семејно наследство. Многу сме среќни што двајцата сме дел од оваа прекрасна манифестација. Со години учестуваме во Галичката свадба и сега ни се остварува сонот тука да се венчаме – вели Чаловска, среќна што ја продолжуваат традицијата на нивните предци. Нивните родители, исто така години наназад биле дел од Галичката веселба.

Повеќе од пет илјади посетители од земјава и странство се очекуа да пристустуваат на годинешното 44. издание на автентичната културно-сцена манифестација „Галичка свадба“ која ќе се одржи на 15 и 16 јули во Галичник.

Новина оваа година е рокенрол пречекот за зурлите и топаните, в петок, на 14 јули, каде што деби настап ќе има групата „Укален“ и „Бендофф“.

Традиционално, почетокот на свадбата се означува во сабота, со поставување на свадбарското знаме, како и симболичниот чин на „фрлање“ на три пушки од куќата на зетот. Во саботата е и китењето, редењето на бајракот. Потоа следи пречекот на топаните, се игра „свекрвино оро“ на чешмата Упија кое го води свекрвата со сито на главата и бокал в раце. Следат „невестинско“ и „тешкото“, симболот на пркосот и непокорот, кои исто така се играат пред Упија. Следи одење по вода, поворка составена од свадбари кои со борини и факели одат од куќата на зетот до куќата на девојката. Потоа, заедно со невестата се оди на три чешми да се наполни вода: Секуличе, Динговиче и Упија.

В недела се почнува со канење на мртвите, каде што група од најблиските роднини на зетот го посетува гробот на починатите. Потоа следи канење на кумот, па бричење на зетот и се тргнува по невестата. Откако ќе пристигнат стројниците пред куќата на невестата, следи строевање на невестата, се товарат ковчезите и се испраќа невестата.

Свекрвата с сито, погача и бокал со вино ја дочекува невестата. Следи венчавањето во црвата, па носење на невестата на вода и заигрување и со испраќањето на топаните завршуваат свадбените обичаи.

Во свадбената церемонија учестуваат 150 лица облечени во традиционални носии, десетина коњи и претставува еден вид театарска претстава која се одржува на повеќе локации во Галичник.

Поради ограничените просторни можности на селото, движењето на моторните возила ќе биде ограничено. Посетителите ќе може да ги паркираат своите возила на фудбалското игралиште пред селото, по што за сите заинтересирани ќе биде организиран превоз со минибус до влезот на Галичник.

Инаку, со одржување на манифестацијата „Галичка свадба“ веќе 26 години се отвора „Галичко културно лето“ во чии рамки е предвидени и други настани како што е Галичката книжевна колонија чиј иницијатор е Тодор Чаловски, која годинава ќе се одржи по 24. пат, како и Ликовната колонија „Галичник“ чиј основач е Нове Франговски.

„Ако Македонија е библиска земја, тогаш Галичник е нејзината последна реликвија“, напиша македонскиот поет Петре М. Андреевски. За Галичник е кажано и напишано многу – од многубројни патописци, новинари, уметници, писатели кои го посетиле ова надалеку прочуено село од западна Македонија. За многумина од нив Галичник е жариште на македонската преродба, татковина на Мијаците, зографите и на копаничарите, окото на Кузман Капидан, родно место на „Тешкото“, место каде што може да мислите само на уметност и на ништо друго, мијачки Мачу Пикчу…

Петровден или 12 јули е празникот што се слави во Галичник. Затоа и било логично да се изгради централната црква „Св. Петар и Павле“ во која секоја година се одржува венчавката на двојката што ќе се пријави за традиционалната Галичка свадба. „Св. Петар и Павле“ се наоѓа над чешмата „Упија“.

Во минатото Галичник бил населба со 700 куќи и со 5.000 жители. Денешната панорама потсетува на сите раселени населби, но малиот број сочувани куќи уште зрачат со енергија која ќе ја почувствувате само и единствено ако го посетите Галичник.

Александра М. Бундалевска

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top