| четврток, 6 декември 2018 |

Брнабиќ: Ако биде принудена, Србија ќе ја избере ЕУ пред Русија

Доколку Србија биде присилена да избира меѓу поблиски врски со Русија и членството во Европската Унија, таа ќе се одлучи за ова второто, изјави српската премиерка Ана Брнабиќ во интервју за американската агенција Блумберг.

Брнабиќ во интервјуто кажа дека како премиерка ќе го продолжи патот што го почна нејзиниот претходник, сега претседател на Србија, Александар Вучиќ, да ја подготви земјата за членство во ЕУ до 2020 година, кога и завршува мандатот.

– ЕУ е таму каде ние одиме – тоа е јасно. Ние имаме емотивни врски со Русија заради традицијата, културата и верата, наведе Брнабиќ и укажа на тоа дека во Србија голем број луѓе во целост Русија ја доживуваат како голем брат, заштитник.

Според неа, овие чувства не можат да се занемарат, „но наш стратешки пат е ЕУ“. Потсетувајќи дека Вучиќ одби да ја исполни одлуката на Унијата за воведување санкции кон Русија заради Украина, Блумберг наведува дека Брнабиќ не можела да потврди дали ќе го продолжи тој став доколку биде загрозено пристапувањето на Србија кон ЕУ.

– Не можам тоа сега да го коментарам, бидејќи на Балканот е многу тешко да се посветите на било што. Тоа е тежок регион, рече Брнабиќ, за која агенцијата напоменува дека не припаѓа ниту на една политичка партија и дека е образувана во САД и Велика Британија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top