Специјалниот претставник на Обединетите нации во разговорите меѓу Македонија и Грција Метју Нимиц од денеска до 4 јули ќе престојува во Скопје на разговори со македонскиот државен врв за можностите за решавање на спорот за името.
Нимиц, како што соопшти прес-службата на ОН, доаѓа во Скопје на покана на македонската влада со цел да се дискутира за начините за постигнување напредок во разговорите со посредство на ОН за изнаоѓање заедничко прифатливо решение за прашањето за името.
Во соопштението се додава дека на покана на Владата на Република Грција, предвидено е Нимиц да замине за Атина.
Метју Нимиц на крајот на минатиот месец, во интервју за грчки весник, изјави дека решавањето на прашањето за името треба да биде високо на агендата на новата Влада во Скопје. Истакна дека очекува да започнат сериозни разговори за решавање на проблемот кој постои меѓу Скопје и Атина. Решавањето на овој проблем, според него, може да помогне да се надминат и други проблеми во регионот.
– Спорот може да се реши ако и двете земји и нивните лидери добијат поддршка од нивните народи, ако разгледаат нешто што е логично, што ќе го задржува достоинството на двете земји, идентитетот на двете земји, историската смисла на двете земји. Мислам дека постојат решенија, порача Нимиц.
Специјалниот претставник на ОН во разговорите меѓу Македонија и Грција, последен пат ги посети двете земји на крајот на јули 2014 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.