| четврток, 6 декември 2018 |

Концертот на легендарниот Чик Кориа и „Електрик бенд“ ќе биде празник за секој кој сака креативна музика

Концертот на „Д Чик Кориа бенд“ в недела на втори јули во „Метрополис арена“ ќе биде празик за секој кој сака креативна музика, најави организаторот на денешната прес-конфренција.

Легендарниот Чик Кориа и неговиот култен „Електрик бенд“ доаѓаат во Скопје како дел на светската турнеја која се смета за ексклузивна.

– Чик Кориа е човекот добитник на можеби најмногу Греми награди, 22, и најмногу номинации, 63, човекот кој имаше храброст да ги сруши постоечките граници не само на џезот како жанр, туку генерално во музиката, да ја разбие познатата звучна матрица, да внесе нов, свеж здив, да ги преименува сите дефинирани правци, истакна музикологот Тина Иванова на прес-конференција.

Музиката на Кориа се опишува како енергична, моќна, импулсивна, полна со звучни изненадувања и виртуозност, а се движи од фјужн – џез и рок, до симфониска. Композициите се производ на едно време, но се уште се авангардни и прогресивни.

За Ален Хаџи-Стефанов, еден од најголемите познавачи на џез музиката во Македонија и сопственик на Џез ФМ, звукот на Кориа е неповторливо креативен.

– Неговите композиции се толку впечатливи, како оние на Телониус Монк. Ако се обидеш да ги отсвириш на поинаков начин, ќе згрешиш. И ритмот е специфично вклопен. Верувам дека ова ќе биде настан на годината – рече Хаџи-Стефанов.

Чик Кориа досега двапати беше во Скопје, во рамки на Скопскиот џез фестивал – еднаш како соло пијанист и автор, а вториот пат со трио. Сега првпат доаѓа со Еелектрик бенд во чиј состав се музичките гуруа: тапанарот Дејв Векл, басистот Џон Патитучи, гитаристот Френк Гембејл и саксофонистот Ерик Мариентал.

На концеротот во недела ќе биде промовирано и новото озвучување во Метрополис Арената.

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top