| четврток, 6 декември 2018 |

Македонија нема посебни желби, ждрепката за ЕП 2018 во Хрватска во 18 часот

Каде и против кого ќе игра машката ракометна репрезентација на Македонија на Европското првенство во Хрватска, во јануари наредната година, ќе биде познато за неколку часа. Вечерва со почеток во 19 часот, во салата „Ватропслав Лисински“ во Загреб ќе се одржи ждрепката со која ќе бидат одредени групите за првата фаза од континенталниот шампионат.

Македонија обезбеди пласман на ЕП 2018 како првопласирана во својата квалификациска група во која играше со Чешка, Исланд и со Украина и во денешната ждрепка ќе биде во вториот барабан.

Заедно со Македонија во оваа група се и селекциите на Данска, Белорусија и на Шведска, противници кои ги избегнуваме во првата фаза на ЕП.

Во првиот барабан се носителите на групите: Германија, Шпанија, Хрватска и Франција.

Можни противници на македонската селекција од третиот барабан се: Норвешка, Србија, Црна Гора и Чешка. А, во последниот барабан се сместени: Унгарија, Словенија, Австрија и Исланд.

Натпреварите од првата фаза ќе се играат во Сплит, Пореч, Загреб и во Вараждин.

Ждрепката е полудиригирана, а Хрватска како домаќин има право на избор и смести по една екипа од секој барабан во секоја група. Домаќинот ќе биде носител во групата А во Сплит. Во другите три групи, што од тактички што од економски причини, место добија – Норвешка во групата Б во Пореч, Словенија во групата Ц во Загреб и Унгарија во групата Д во Вараждин.

Во пресрет на ждрепката, во македонскиот табор нема посебни желби и предвидувања кога сакаме да добиеме, а кого би избегнале во првата фаза. Иако, неформално веќе се „кројат“ најповолната и најнеповолната варијанта.

Според одредени проценки за Македонија би била добра ждрепка да падне во групата А во Сплит и од носителите да игра поротив Хрватска и поранешниот селектор, Лино Червар, а другите две места во групата би им ги доделиле на Чешка од третиот и на Австрија од четвртиот барабан. Една од понеповолните варијанти е место во групата Б во Пореч со Франција, Норвешка и со Унгарија. Или во групата Ц во Загреб со Франција, Србија и со Словенија.

Македонија од СП 2009 во Хрватска, и од натпреварувачки и до навивачки аспект, има позтивно искуство од Вараждин. Ако денешната ждрепка поворно не смести во оваа група „Д“, тогаш за противник би ја имале Унгарија од последниот барабан, а ги избегнуваме Словенија, Австрија и Исланд. Со ваков исход ги избегнуваме и Хрватска и Норвешка и во првата и во втората фаза.

Пласман во втората фаза обезбедуваат првите три репрезентации од секоја група. Во оваа фаза вкрстуваат А и Б од Сплит и Пореч и шестте селекции од овие групи потоа се селат во Загреб. Вараждин останува домаќин и во втората фаза на ЕП на вкрстената група со репрезентациите од Ц и Д.

Европското првенство во Хрватска ќе се одржи од 12 до 28 јануари.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top