| четврток, 6 декември 2018 |

Груевски: Во Македонија медиумите и судството се под силен притисок на новата власт

Притисоците врз медиумската сфера во Македонија и врз судството, како и целокупната атмосфера во македонското општество по доаѓањето на новата власт во земјата беа во фокусот на разговорите што претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски со партиска делегација, утринава во Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС) во Брисел ги имаше со Високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Федерика Могерини, а потоа и на Самитот на Европската народна Партија (ЕПП).

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, Груевски денеска на две сесии се обрати на Самитот на најбројната политичка партија во Европскиот парламент, пред германската канцеларка Ангела Меркел, премиерите Орбан (Унгарија), Борсиов (Бугарија), Варадкар (Исрка) и други државници.

– Денот го започнав со средба со шефицата за надворешни работи на ЕУ, Федерика Могерини и на таа средба се задржав на две работи. Најпрво, на потребата што поитно Република Македонија да биде интегрирана во ЕУ, а се разбира и во НАТО и на потребата да се внимава за понатамошните случувања и процеси во Македонија. Тука имам предвид што се се случува со медиумскиот сектор во Македонија по доаѓањето на новата власт. Загушувањето и притисоците врз медиумите, особено врз сопственицита на медиуми, вклучително и притисоците на Специјалното јавно обвинителство и на намерите на новата власт за партизација на судството. Преку плаштот на нови реформи во судството, практично се има намера за партизирање и целосна контрола врз судскиот систем во Република Македонија, изјави Груевски.

Според поранешниот македонски премиер, на сребдата со Могерини, тој најмногу се задржал на делот дека Република Македонија има заслужено членство во ЕУ, дека се направени повеќе бранови на реформи и дека тие се незапирлив процес и постојано ќе има потреби од нови. Но, прашањето со членство на Македонија во Униајта тој и укажал на Високата претставничка, дека треба да се реши, а тоа треба да започне со почеток на преговорите.

– Безусловен почеток на преговорите за членство во ЕУ ден порано. Во спротивно, ќе се раѓаат нови проблеми и ќе се остави простор за нови состојби што нема да бидат добри за Македонија. Тоа беа главните поенти во разговорот со Могерини која ја запознав и со други детали околу политичкат состојба во Македонија, додаде Груевски.

Попладнево, тој присуствуваше на Самитот на ЕПП на кој беа присутни и поголем број премиери, претседатели на партии и лидери на држави со кои со поголем број од нив, според Груевски, тој успеал да воспостави комуникација, да размени мислења за повеќе прашања, информации за Македонија и да лобира за понамошен макеоднски напредок во НАТО и во ЕУ.

– Покрај тоа, имав и две обраќања пред присутните. Едното беше во делот на точката поврзана со Брегзит и миграцијата, каде мојот дел беше фокусиран на прашањето за мигрантите и каде ги кажав нашите политики во врска со тоа и дека е добро тие да продолжат, како за Европа, така и за Република Македонија. Политиката на претходната Влада, додека јас бев премиер, што ја започнав за заштита на границите од масовен влез на мигранти е добро да продолжи. Исто така, говорев и за посебната точка на овој Самит поврзана со Западниот Балкан. Тука ги посочив деталите од сегашната политичка состојба и се што досега се случи, односно дека во Македонија имаше успешни избори на кои победи ВМРО-ДПМНЕ, но дека по првпат по долг период се прекрши правилото што од нас беше барано да се воспостави, а тоа е „победник со победник“ и се формираше нова Влада, која засега само говори, но не прави реформи, туку стопира проекти на претходната Влада, посочи Груевски.

Исто така, според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, која е придружна членка на Еворпските демо-христијани, тој укажал и на чуствителноста од притисокот и заканите врз сопствениците на медиумите, врз медиумите и новинарите. Тој истакнал дека во Македонија постои една од најлошите ситуации во историјата на Македонија во која „се гуши медиумскиот простор и се тераат сите медиуми да информираат само афирмативно и никако критички за новата Влада, што не е добро за демократијата“. Груевски говорел и за ризиците од партизација на судството за кои според него се наѕираат намерите на СДСМ да го направат.

– Пред се, и над се, упатив апел до сите пристуни премиери, до претседателот на Еворпската комисија Жан-Клод Јункер, кој што беше присутен, како и до Меркел и останатите, дека час поскоро, Македонија треба да добие можност да ги почне преговорите и што побрзо да ги заврши и да се интегрира во Европската унија и се разбира и во НАТО ,за земајта да оди напред. Причината е што за оваа мигрантска криза се покажа колку е важно и една мала држава како Македонија да е сојузник на ЕУ, да е дел од неа, бидејќи еден период ЕУ зависеше од одлуките во Македонија поврзано со мигрантите. Утре може да дојде и нешто друго во прашање, како за нас, така и за Еворпа, па така е важно за сите нас Македонија да биде интегрирана во ЕУ. Тоа не може да се направи ако постојано се бараат некакви причини за одлагање на тоа членство, туку да се направи брз почеток на преговорите и влез на Македонија во Унијата, посочи Никола Груевски.

По завршувањето на Самитот на ЕПП, на маргините на овој настан, Груевски оствари и средба со премиерот на Бугарија, Бојко Борисов, на кој според него разговарал за потребата Република Македонија да стане членка на НАТО и ЕУ.

– Не дознав ништо од него што се договорило на средбите, минатите два дена во Софија и нормално е тоа да го дознаеме ние како опозиција и македонската јавност од моменталниот македонски премиер. Но, тие ги знаат нашите позиции, ги реафирмирав позициите на ВМРО-ДПМНЕ по прашањето на договорот за пријателство со Бугарија. Истиот треба да се потпише, но се разбира, треба да се внимава што тој ќе содржи и тоа да нема понатаму последици ниту за Бугарија, ниту за Македонија, македонскиот народ и за македонскиот јазик, заврши Груевски.

Вечерва, Никола Груевски има закажано билатерална средба со известувачот за Македонија во Европарламентот, Иво Вајгл, а во текот на утрешниот ден се предвидени, билатерални средби со други европратеници.

Во рамки на неговата тридневна посета на европската престолнина, Груевски синоќа во Европскиот парламент се сретна со претседателот на Комитетот за надворешни работи на ЕП (АФЕТ), Дејвид Мекалистер, а потоа и со претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top