| четврток, 6 декември 2018 |

Славески:Врзувањето на среќни износи за платите може да биде контрапродуктивно

-Во пазарна економија, државата никако не може да интервенира во големината на платите – е мислењето на поранешниот министер за финансии и професор на Економскиот факултет, Трајко Славески изнесено во гостувањето во „24 Тренд анализа“.

-Невообичаено е да даваат ветувања за номинални големини, како што се платите. Вакво нешто немам сретнато – истакна Славески.

Според него, може да се проектира ставка на пораст на бруто домашниот производ, пораст на продуктивност, пораст на извоз или слично, но врзувањето на среќни износи за платите може да биде контрапродуктивно.

-Во една изјава на новиот министер за финансии слушнав дека тие се раководат од нов модел на растот кој што ќе биде воден од платите. Тогаш не се чувствував лагодно, бидејќи мислам дека тоа предвидува загриженост кај луѓето кои што малку подобро ги познаваат состојбите. Такво нешто може да биде политика, односно промена на моделот само во земји како што се на пример, Јапонија и Германија. Јас одговорно тврдам дека влада да се врзе за номинални износи, за среќни износи на зголемување на плати и минимални плати треба да има неколку услови исполнети, истакна поранешниот министер за финансии.

Според него, првиот услов е да се има суфицит во платниот биланс, односно да има повеќе извос отколку увоз во економијата.

-Ќе зголемуваме платите за луѓето да увезуваат „крнтии“ од 200-300 евра, и тоа вештачко зголемување?, прашува Славески.

Вториот услов за водење на оваа политика, според Славевски, е да има суфицит во буџетот.

-Трето да имате стапка на невработеност не повеќе од 4-5 отсто. Само тогаш е легитимно од економска гледна точка, само во тој случај можете да ветувате мерки за зголемување на платите, појаснува поранешниот министер.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top