Британскиот министер за „Брегзит“, Дејвид Дејвис се согласи со барањето на Унијата преговорите на истапување на Велика Британија од ЕУ да се водат во две фази. Во согласност со договореното, во првата фаза ќе се преговара околу постигнувањето договор за условите за излез на Велика Британија од Унијата, а дури потоа, во втората фаза, ќе се разговара за идните британско-европски односи и за можен договор за слободна трговија.
Станува збор за прва отстапка што ја направи британската влада на стартот на преговорите за „Брегзит“, затоа што уште од по референдумското изјаснување на мнозинство Британци за излез од ЕУ, официјален Лондон бараше преговорите за „раздружување“ да се водат паралелно со разговорите за трговски договор.
Дејвис и шефот на преговарачкиот тим на ЕУ, Мишел Барние, по првата рунда од двегодишниот преговарачки процес, синоќа одржаа заедничка прес конференција на која изразија увереност за постигнувањето договор. Британскиот министер одби да прифати дека е направена отстапка и уверуваше дека она што е договорено со Барние било и британска позиција, но дека тој верува во успешното завршување на преговорите.
Барние, кој е поранешен француски министер за надворешни работи и еврокомесар, повтори дека ЕУ „нема намера да работи против Велика Британија“ и дека определбата да се успее треба да биде посилна од чувството за оптимизам или песимизам за крајниот исход, што ќе се појавува во текот на преговорачкиот процес.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.