Репрезентациите на Нов Зеланд во повеќе различни спортови своите средби на натпреварувањата ширум светот ги почнуваат со традиционалниот танц „Хака“, кој важи и за атракција за навивачите. Сепак, фудбалерите на оваа земја нема да можат да изведуваат „Хака“ пред средбите од Купот на Конфедерациите поради строгите правила околу времето што ФИФА ги потенцирала на сите земји учеснички.
– Не станува збор за директна забрана, туку за организациски проблем бидејќи ФИФА потенцираше на низа стриктни детали во врска со времето. Морате да излезете на теренот точно шест минути пред почетокот, а четири минути пред судискиот свиреж почнуваат химните. Секако дека сме горди што насекаде низ светот сме препознатливи по „Хака“, но овојпат распоредот на ФИФА не ни дозволува такво нешто – истакна дефанзивецот на Нов Зеланд, Мајкл Боксал.
Нов Зеланд ќе биде дел од групата А на Купот на Конфедерации, што стартува утре, заедно со селекциите на Португалија, Мексико и на домаќинот Русија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.