Кога во јануари 2016 година европското здружение „Европски совет за надворешни односи“ ја објави студијата „Војни за поврзување“ (Connectivity Wars) ретко кој го разбра историското значење на оваа серија написи и анализи на европски и на американски стручњаци. Само малкумина беа свесни дека тезите изложени во студијата ќе ја означат теоретската геостратегиска рамка околу која само неколку месеци подоцна ќе бидат ангажирани дипломатиите, економиите и сите други сили на Балканот.
Во неа 23 автори објаснуваат зошто миграцијата, финансиите и трговијата се гео – економски локации за битки и како големите сили ги користат како оружје своите интерконекции во глобалниот економски систем со цел да им направат штета на своите непријатели. Санкциите, манипулациите со валути, бојкотот, контролата на бегалските бранови, дигиталната и физичка инфраструктура се повеќе и повеќе се користат како оружје во судирите меѓу моќните држави.
Студијата е напишана од автори како Јан Бремер, Нели Гринхил, Параг Хана, Хина Рабани и Јуар Зарате, кои се непознати за нас, а кои ни откриваат која е новата Г7. Таа идентификува неколку земји што имаат капацитет да бидат главни играчи во оваа „војна за поврзување“.
Покрај САД, кои се идентификувани како „финансиска суперсила“, Кина се смета за „градежна суперсила“ поради својата моќ на полето на градење инфраструктура. На европскиот континент Европа се смета за „регулативна суперсила“ поради своето влијание на глобалните трендови преку единствениот европски пазар, а Турција го има епитетот „миграциска суперсила“ поради нејзината моќ да влијае на движењето на повеќе од три милиони луѓе на својата територија.
Во оваа студија, која пред неколку дена ја анализираше и лондонската Школа за економија, неодамна стои дека: Во иднина најважните битки во конфликтите нема да се водат во воздух или на земја туку за меѓусебна поврзана инфраструктура на глобалната економија. Нејзините главни точки се постојаност на трговијата и на инвестициите, меѓународното право, интернетот, транспортните коридори и движењето на луѓето.
Тоа што за нас е најважно е географската локација каде што ќе се водат овие конфликти во иднината, кои ние не забележавме дека почнале. Иако Македонија не се споменува како земја што е фактор во оваа битка, сепак таа се наоѓа во близина или на патот преку кој дел од земјите споменати како главни актери ги туркаат своите интереси и стока.
Со оглед на тоа што Македонија како централна точка на Западниот Балкан може да се смести во неколку од овие „интерконекциски“ линии, со право во иднина можеме да очекуваме дека земјата може целосно да ја загуби својата реална независност затоа што е надвор од умот да се тврди дека може да се спротивстави на интересите на суперсилите, кои територијата на Македонија ќе ја користат за спроведување на своите интереси.
И во случајот на Европа, која го користи Балканот како тампон-зона за спречување прилив на бегалци, и во случајот на Турција, која преку регионот сака да пенетрира политички и економски, и со Русија, која овој регион го гледа како една од малкуте шанси да излезе на топли мориња преку Егејскиот Залив, Македонија нема шанси да ги оствари своите автентични интереси. И поради политичката криза од која не може да излезе со години, но и поради интеретничката и интеррелигиозната разновидност што влијае на стабилноста и на единството на земјата. Овде мора да се спомене и интересот на САД на кои, поради планот во Европа да извезуваат течен гас, им одговара на Балканот да има прекин на дотурот на руски енергенти, но и на енергенти од Блискиот Исток, а не треба да се заборави ниту Кина, која нема да се откаже од планот за железничко поврзување на Солунското пристаниште со Белград. Дури и без проектот Дунав – Морава – Вардар – Солун ситуацијата е премногу комплицирана.
Студијата напишана од 23 автори барем делумно ни отвора хоризонти без кои ни од далеку не можеме да добиеме одговори на прашањата што нѐ мачат и кои можат од корен да ни го сменат животот без воопшто да знаеме што, навистина, ни се случува.
(Текст објавен во 250. број на неделникот Република, 16.6.2017)
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Хорор куќа на Балканот која ги „убила“ сите сопственици
-
Невреме над Балканот, девојче загина од удар на гром
-
Возачите на Балканот во паника: Пристига новиот радар со кој полицијата ќе може освен брзината, да детектира и дали зборувате на телефон!
-
Џабе работи, џабе не седи: Во Луксембург за еден час се заработува колку на Балканот за цел ден