| четврток, 6 декември 2018 |

Девојчето од Гостивар двапати било враќано во живот – третиот пат докторите не успеале

Тинејџерката што во утринските часови во неделата почина во возилото на итната медицинска помош на пат од Гостивар кон Скопје, двапати била враќана во живот откако ѝ откажала работата на срцето, но, за жал, третиот обид бил неуспешен, пишува „Нова Македонија“.

Во текот на вчерашниот ден, во болницата во Гостивар бил одржан стручен колегиум на кој присуствувале сите началници на одделенија и лекари што биле дежурни дента, за да се направи анализа на случајот – пишува весникот.

– Се одржа стручен колегиум во болницата, на кој се установи дека целата процедура од моментот на приемот и укажаната прва медицинска помош, па сѐ до моментот на упатот, немало никаков лекарски пропуст, работено е според медицина базирана на докази, направени се сите прегледи, почнувајќи од ЕКГ, лабораторија итн. Извршени се консултации со сите специјалисти што биле дежурни, почнувајќи од инфектологот, анестезиологот, интернистот, неврологот, психијатарот, како и обезбедување адекватен транспорт за Скопје – велат од гостиварската болница.

Оттаму ги негираат информациите што излегоа во јавноста дека девојчето со силни болки во стомакот претходно било во болницата. Според неофицијални информации, 15-годишната средношколка и претходно била на лекар и, наводно, примила инфузија, но во приватна ординација.

Во Медицинскиот центар во Гостивар, дошла единствено вечерта меѓу саботата и неделата односно во раните утрински часови на 11 месецов. Се пожалила на гадење, повраќање и дијареа, а според нашите извори, и на лесни грчеви. Меѓутоа, при прегледот стомакот не бил чувствителен односно немало симптоми туку бил мек.
По 30-40 минути, состојбата се влошила, почнала да губи свест, ѝ се вкочанил вратот и веднаш била препратена од инфективно во ургентно одделение.

Додека девојчето сѐ уште било во гостиварската болница, лекарските извори информираат дека целата екипа дежурни лекари работеле на овој случај, „му стоеле над глава“.

Таму дошло и до прекинување на работата на срцето, но лекарите успеале да ја оживеат и да ја стабилизираат состојбата. По стабилизирањето, било одлучено тинејџерката да ја испратат на скопските клиники, односно во Ургентниот центар во Скопје. За жал, на пат кон главниот град, настанале уште две кризи. Лекарската екипа што била во возилото на итната медицинска помош успеала еднаш да ја оживее повторно, но во втората криза, која настанала неколку минути пред да пристигнат до скопските клиники, на влезот во градот околу Ѓорче Петров, обидот за реанимација бил неуспешен.

Скопските лекари само ја констатирале смртта, која настанала за време на транспортот. Тоа што е познато е и дека телото е дадено на обдукција. Овој случај регистриран во неделата, првпат официјално во јавноста излезе во полицискиот билтен од МВР во понеделникот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top