На вечерашниот квалификациски натпревар меѓу фудбалските репрезентации на Македонија и Шпанија кој вечерва ќе се одигра на Националната арена „Филип Втори“ во Скопје, љубителите на фудбалот ќе имаат можност да им посакаат среќа и на младите македонски репрезентативци односно да ги испратат нашите херои на нивниот дебитантски настап на Европското првенство во Полска.
Младата фудбалска селекција на Македонија до 21 години, под палката на селекторот Благоја Милевски, утре заминува за Полска каде ќе ги реализира последните пет дена од подготовки пред првиот натпревар на шампионатот, закажан за 17 јуни во Гдиња, а во кој противник како и на сениорите вечерва, ќе им биде токму селекцијата на Шпанија.
Вечерашниот спектакл на Националната арена „Филип Втори“ ќе биде искористен и домашната фудбалска јавност да ги поздрави младите репрезентативци кои пред мечот ќе продефилираат на нашиот најголем македонски стадион.
Влезовите за публиката на вечерашниот меч ќе бидат отворени од 18.45 часот, а ќе се затворат во 20.30 часот.
Од ФФМ, апелираат гледачите да стигнат на време за да се избегнат непријатности непосредно пред почеток на натпреварот кој е закажан за 20 часот и 45 минути.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.