Бројот на членови на Управниот одбор на ЈП „Комуналец“ бил зголемен за уште 2 члена, од 9 на 11 члена. Предлогот во новиот управен одбор да има само двајца Македонци наишол на силно негодување од коалицијата „Кичевчани за Кичево“, пишува порталот „Кичево“.
Од коалицијата велат дека соодносот во кичевскиот совет е 45 спрема 55 проценти. Дополнително на ова маргинализирање е тоа што двајцата Македонци не биле ниту предложени од коалицијата „Кичевчани за Кичево“, туку претставниците на ДУИ сами ги предложиле и си ги изгласале, без согласност на македонската опозиција во советот која гласала против.
„Кичево“ пишува дека во гимназијата „Мирко Милески“ и во основните училишта „Кузман Јосифоски – Питу“, „Д-р Владимир Полежиноски“ и „Христо Узунов“ во Другово, каде што наставата ја следат македонски класови, советниците на ДУИ во секој Управен одбор вметнале по еден Албанец. Додека, пак, во Управниот одбор на гимназијата „Дрита“ и по основните училишта каде што наставата се изведува на албански јазик нема ниеден Македонец.
Предлогот да има по еден Македонец во управните одбори во училиштата каде што наставата е на албански јазик на коалицијата „Кичевчани за Кичево“ бил одбиен од советниците на ДУИ.
Македонци нема нити во Управниот одбор во основното училиште „Санде Штерјоски“, каде што настава има и на македонски јазик. На оваа одлука негодувал претставникот на коалицијата „Кичевчани за Кичево“, Идавер Реџепоски, кој побарал во Управниот одбор да има еден претставник Ром бидејќи во тоа училиште учат голем број Ромчиња. Неговиот предлог бил одбиен.
Откако не беше прифатен ниеден предлог, претставниците на „Кичевчани за Кичево“ ја напуштиле седницата и без нивно присуство биле изгласани управните одбори за дел од градските и за приградските училишта, пишува порталот. Советниците на ДУИ воопшто не ни дискутирале по точките туку едноставно истите биле изгласани.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



