На осумдневната турнеја во земјите на Блискиот Исток и на Европа, претседателот на САД ќе ја испорача пораката на својата администрација до муслиманите, Израелците, Палестинците, НАТО и папата. Во меѓувреме, во САД, конгресните комисии и специјалниот обвинител ќе продолжат со истрагите за руското мешање во претседателските избори.
– Луѓето во другиот дел од светот… немаат време да обрнат внимание на тоа што се случува тука во земјата – рече државниот секретар Рекс Тилерсон одговарајќи на прашање од „Фокс њуз“. – Тие се повеќе загрижени за односот со нивната земја и како ние се соочуваме со многу сериозни предизвици што влијаат на сите нас.
Претседателот почна да работи на ова патување за време на транзицијата и сака да ги зацврсти и да ги изгради односите и да упати порака за единство до трите најголеми религии во светот – христијанството, исламот и јудаизмот, според претставници на администрацијата.
– Голем број на лидери, особено во делот на светот каде што ќе се патува – Блискиот Исток, Централна Азија, па дури и делови од Африка – се подготвени за целосно разрешување на работи што досега се занемарувале – рече Тилерсон критикувајќи ја администрацијата на Обама. – Тие се подготвени за повторна соработка со Америка.
Но, други, пак, велат дека контроверзиите си го прават своето.
– Загрижен сум дека сета оваа конфузија и контрадикторни изјави што доаѓаат надвор од Белата куќа сериозно му штетат на американскиот кредибилитет и ја поткопуваат довербата на многу од нашите сојузници – рече Александар Вершбоу, поранешниот амбасадор на САД во Република Кореја, Русија и НАТО. – Од Америка се очекува да води, но внатрешното одвлекување на вниманието го спречува тоа.
Претседателот Трамп, исто така, призна дека споделил доверливи информации со рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, за време на нивната средба минатата недела во Овалната соба.
Советникот за национална безбедност Х.Р. Мекмастер рече дека споделувањето информации било „целосно соодветно“, иако некои се сомневаат дали претседателот ги загрозил меѓународните разузнавачки односи со откривање премногу информации на еден противнички играч.
– Јас мислам дека администрацијата може да бидe ефикасна во убедување на луѓето дека можат да продолжат да споделуваат информации со нас и ние да споделуваме со нив – рече Вершбоу. – Тоа е од клучно значење во соочувањето со закани како ИСИС, или со заканувачкото однесување на Русија дека можеме да имаме целосна доверба во нашите клучни партнери и да разменуваме разузнавачки информации во борбите што ги водиме заедно.
Прашан од „Фокс њуз“ дали други земји изразиле неподготвеност да разменуваат важни информации со администрацијата на Трамп, американскиот министер за внатрешна безбедност Џон Кели рече дека администрацијата го става интересот на земјата на прво место.
– Јас комуницирам со голем број странски лидери на министерско ниво, со моите колеги, и споделувам со нив толку информации колку што дозволуваат нашите закони и тие се отворени за тоа – вели Кели. – Во случаите кога не можам да споделам повеќе информации, тие го разбираат тоа, како и фактот дека за оваа земја моето министерство, нашиот претседател, безбедноста на нашите граѓани и на нивните граѓани е на прво место.
Извор: „Фокс њуз“
Превод: Ана Цветаноска
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.