| четврток, 6 декември 2018 |

Гучифер 2.0: Дали е тој хакерот што го менуваше текот на изборите во САД?

Новинарот на Би Би Си Мајк Вандлинг успеал да дојде до најбараниот хакер побрзо и полесно одошто очекувал – само му истратил твит

Кој или што е Гучифер 2.0? Разузнавачките служби веруваат дека мистериозниот хакер беше вмешан во скандалот со хакирањето на американските претседателски избори и дека е одговорен за дистрибуција на хакирани документи на Демократската партија. Би Би Си успеале да дојдат до него и се обиделе да ги дознаат мотивите на хакерот, пренесува Блиц.

Новинарот на Би Би Си Мајк Вандлинг успеал да дојде до најбараниот хакер побрзо и полесно одошто очекувал – само му истратил твит. Во преписката преку твитер, Гучифер 2.0 по два месеца молчење одговори на тврдењата на медиумите дека наводно е поврзан со Русија, како и дека е гласач на Трамп.

Летото 2016 година хакерот со прекар Гучифер 2.0 проследил серија документи од Демократскиот национален комитет до Викиликс, а потоа ги објави јавно.

Тоа што тој го објави беше удар за демократите и кампањата на Хилари Клинтон, па Деби Васерман Шул, претседателката на Демократскиот национален комитет поднесе оставка. Иако Гучифер 2.0 го зел името од романски хакер (оригиналниот Гучифер ги хакираше мејловите на американски и романски функционери, а во моментов е во затвор), сомнежот веднаш падна на Русија.

Метаподатоците поврзани со документите кои протекоа беа на руски јазик, а не на романски. Аналитичарите потврдија дека Гучифер 2.0 користел руски сервер. Мноштво безбедносни експерти ги поврзаа неговите објави со руската разузнавачка служба.

Новинарот Лоренцо Франчески-Бикераи кој се допишувал со Гучифер 2.0 деновите по скандалот со хакирањето на мејловите на демократите, вели дека Гучифер не зборува добро романски јазик.

-На некои прашања одговори на романски, но тие одговори беа многу едноставни. Им ги покажав на луѓе кои зборуваат романски и сите се согласија дека тој јазик не му е мајчин. Подоцна преписката им ја дадовме на лингвисти, но не сите се согласија дека мајчин јазик му е рускиот, но потврдија дека романскиот не е, изјави Лоренцо Франчески-Бикераи за Би Би Си.

Во преписката со Мајк Вандлинг од Би Би Си Гучифер 2.0 негира дека има некаква врска со Русија, но потврдува дека има уште инкриминирачки документи за Хилари Клинтон. Дури и побарал од Вандлинг да ги објави тие документи.

Информациите ги испратил по енкриптирана пошта, но како што објаснува новинарот на Би Би Си, и покрај шпионската презентација материјалот на крајот излезе разочарувачки. Каша од стари приказни, јавно достапни документи кои се прилично здодевни и некои прилично очигледни фалсификати.

Кога станува збор за мотивите Гучифер 2.0 вели дека верува оти луѓето имаат право да знаат што се случува во изборниот процес.

На прашањето дали и понатаму го поддржува Асанж, Гучифер одговорил: “Заедно со Асанж моЃеме повторно да ја направиле Америка голема”. Оваа јасна алузија на предизборниот слоган на Трамп го наметнува следното прашање – дали е тој поддржувач на Трамп?

-Не гласам за Трамп, одговорил Гучифер 2.0.

-Ако си Романец или Русин не ни можеш да гласаш во САД, нели?, прашал новинарот.

-Гласам за слобода, одговорил Гучифер.

Мајк Вандлинг разговарал со Ли Фостер од една од големите безбедносни фирми која е во потрага по Гучифер 2.0. Тој е многу сигурен дека руските власти стојат зад хакерот, па затоа следното прашање за Гучифер било што мисли за Путин.

-Јас не живеам во Русија. Не сум заинтересиран за Русија ниту за нејзината влада, одговара хакерот додавајќи дека не сака да го поврзуваат со Русија.

Потоа престанал да одговара на прашањата.

Американските разузнавачи засега сметаат дека Гучифер 2.0 всушност се повеќе лица и на јавноста и останува да го сочека извештајот за хакирањето што го најави Доналд Трамп 90 дена откако ќе ја преземе должноста претседател на САД.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top