| четврток, 6 декември 2018 |

Даниела низ солзи раскажува: Еден момент засекогаш ја изгаси светлината во мојот живот…

Поминаа 7 години откако Даниела го загуби своето најмило, а болката останува како и првиот ден. Деновите поминуваат, а светлината ја нема која ја носеше Драги, неговиот ведар дух и неговите соништа за иднината. Едно невнимание и несовесно однесување во сообраќајот, повторно виновни за прерано згаснатиот живот на средношколецот Драги.

„Беше обичен ден како и секој претходен… Бев прва смена во продавницата која воедно беше наша и се течеше вообичаено. Синот Драги пред да тргне за на училште дојде за да земе ужина и нешто благо, без кое не можеше да му помине денот“. Вака Даниела за Скопје Инфо ја започнува приказната за најтешкиот ден во нејзиниот живот, за денот кога светлата згаснаа, а мракот остана во нејзината душа. Тој кобен ден во пролеттниот април Даниела го изгуби најмилото, а како што можете да претпоставите , виновен е возачот кој заради своето невнимание и брзото возење прерано го згасна животот на Драги, многу соништа ги остави неисполнети, а семејството го зави во тага и црнина.

Драги брзал да го премине булеварот во населбата Аеродром и да се качи во автобус за да стигне на училиште. Зеленото светло на семафорот го охрабрило да не погледне на страна, туку чим здогледал дека е зелено за пешаци тој само продолжил. Наредно што се слушнало е силно чкрипење на гуми од автомобил и удар.

-Имав муштерии и слушнав туп удар, сите кои во моментов бев во продавницата се штрецнавме, бидејќи од звукот на ударот знаевме дека нешто се случило на улица. Верувајте ни во најлошиот сон не би поверувала дека тој звук беше кобниот момент во нашите животи. Продолжив со работа, и после десетина минути во продавницата се појавија неколку соседи кои го познаваа нашето семејство и го знаеа Драги. Беа бледи и вкочанети, пристигнаа со трчање, а кога застанаа пред мене молчеа. Сфатив дека нешто не е во ред и почнав да ги прашувам што е, едвај успеаа да изговорат Драги и во тој момент ми беше јасно дека ударот кој го слушнав, беше ударот на мојот живот, низ солзи раскажува Даниела.

Таа избезумено трчала кон улицата, молејќи се дека Драги има само гребнатинки и дека се ќе биде во најдобар ред.

-Не го помнам моментот како истрчав кон улицата, без избезумена. Паметам дека кога пристигнав амбулантното возило беше пристигнато и не ми дозволуваа да се доближам до синот. Веднаш ми ставија инекција за смирување, ме убедуваа дека се ќе биде во ред, но крвта која ја видов на улицата ми велеше дека ова е многу посериозно од неколку гребнатинки. Го повикаа и сопругот и заедно сите се упативме во болница и чекавме охрабрувачки вести, се присетува Даниела.

Откако биле направени сите снимки докторот им ја објаснил сериозноста на состојбата на Драги, велејќи дека главата и сите функции во неа се крајно оштетени, а Драги е сеуште жив и на апарати благодарение на здравото срце.

-Докторот ни ја пренесе ужасната вест, молевме за помош, баравме да го оперираат, но докторот ни објасни дека никој нема да се нафати да прави операција бијдејќи ќе биде неуспешна. Повредите на главата биле толку сериозни и сите функции на мозокот престанале да работат. Се консултиравме и со други доктори, кои ги погледнаа снимките, но за жал го добивме истиот одговор. Драги издржа уште два дена на апарати, а потоа го испушти и последниот здив, вели Даниела.

Во тој момент и во мене нешто згасна, ми згасна светлината. Он имаше многу соништа, сакаше да патува, сакаше да биде архитект, многу работи сакаше да направи, но се појави човек кој за секунда му го одзема сето тоа. Човекот кој со комбето брзал да ја истовари робата која ја носел, па притискал на педалата за гас за да успее да премине макар на жолто, но единствено успеа да одземе еден млад живот и да замрачи уште многу. Тој ја доби својата казна, но сега тој човек е дома со своето семејство, има дечиња кои ги гледа како растат, а мене ме остави во темнина. Живеам заради ќерката и внучињата кои ги имам, тие ми даваат сила, но дел од мене умре во моментот кога го слушнав звукот на удар, низ солзи вели Даниела.

После 7 години од трагичниот момент, Даниела реши да ја сподели својата приказна со пошироката јавност, надевајќи се дека нејзината тешка судбина ќе освести многу возачи кои се тркаат со времето на улиците и се повеќе притискаат на педалата за гас. Раскажувајќи ги најтешките мигови од својот живот, таа се надева дека ќе допре до многу срца, а секој од нас ќе се обиде да биде совесен возач, и да помисли пред да ја притисне педалата за гас за да помине на жолто светло дека во тој момент можел било кој друг да биде таму и секогаш да се потсети на најмилото, дали би сакал тоа да се најде во некоја животно опасна ситуација, истакна за крај Даниела.

извор: Скопјеинфо.мк

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top