| четврток, 6 декември 2018 |

Гаранцијата е фарса – Заев ги лаже и Албанците и Македонците

 

nenad-mircevski-kol-120

Ненад Мирчевски

По сите лаги што ги чувме и по сите предавства што ги видовме од квислингот Зоран Заев во изминатите три години, претседателот на државата Ѓорге Иванов реши да ја прифати неговата гаранција дека од позиција на власт ќе ја штител унитарноста, сувереноста и независноста на Македонија. За да го добие мандатот предавникот беше доволно да изусти, дури и со половина уста, дека „гарантира заштита на уставниот поредок и на територијалната целост“. Првото прашање што го мачи секој Македонец е зошто Иванов ја изневери довербата на македонскиот народ и му го додели мандатот на квислингот? Дали ветувањето на Заев во заднина е покриено од нашите стратегиски партнери со гаранции за неповредливост на унитарноста и на границите на државата или, пак, станува збор за сериозни закани за безбедноста на државата? Која е вистината, верувам дека ќе дознаеме во некоја блиска иднина, но никако не верувам дека претседателот поверувал во искреноста на патолошкиот лажго. Сепак, сѐ додека јавноста не ги добие вистинските одговори има право да се сомнева дека чинот на доделување на мандат и давањето гаранции беше чиста фарса.

Верувам дека ниту Заев и неговите странски налогодавци не веруваат дека народот ќе ја проголта неговата гаранција. Зар македонскиот народ и сите ние што предупредуваме на опасноста од тиранската платформа по трагикомичната изјава на Заев треба да здивнеме со олеснување дека државата е спасена и да му посакаме успешен мандат на предавникот? Се прашувам дали сѐ уште има здраворазумен човек што може да се потпре на збор даден од аболиран криминалец, кој лажеше кого стигне цели три години? Можеби планот е да се донесе закон со кој ќе се казнуваат сите што нема да му веруваат на Заев?

Но и тоа не е доволно. Можеш да го казниш, но не можеш да го натераш да верува дека унитарноста ќе ја штити човек што пред само неколку месеци јавно ветуваше редефинирање на државата. Можно ли е воопшто некој да му верува на ваков клинички случај? За каква заштита на суверенитет зборува овој човек кога доаѓа на власт устоличен од дипломати и амбасадори со фашистички методи откако истите тие претходно насилнички му го одзедоа суверенитетот на народот?

kol246-zaev-ivanov-3

Покрај другите гаранции, квислингот ни гарантира „дека процесот на донесување на одлуките ќе биде во согласност со основните демократски принципи и владеењето на правото, не доведувајќи ја Република Македонија во зависност или потчинетост од други држави“.

Каква перверзија! Овој човек успеа додека беше опозиција да ја направи државата целосно зависна од странски центри на моќ, ги стави националните интереси на тацна на непријателите на македонскиот народ, се пазареше со државните симболи, ја „свитка кичмата“ за името на државата… Отворено прашувам, што може да очекуваме од едно вакво суштество кога ќе дојде власт.

Истиот овој лажго и аболиран криминалец што се фалеше со „чадорот“ и го убедуваше лидерот на ДПА дека го подготвувале повисоките надвор од Македонија, сега вели дека немало да ја доведе Македонија во зависност или потчинетост. Многу скоро ќе видиме за што ги подготвувале со Рамуш Харадинај, кој за еден месец се очекува да стане премиер на Косово.

Квислингот што целосно ја прифати тиранската платформа за да се дограби до власт, а истовремено тврдеше дека не постои таков документ, сега ни гарантира дека „ниеден документ, платформа, акт или дејство не може да бидат услов ниту основа за формирање влада на Република Македонија“.

По три години интензивно лажење, следуваат моменти на вистината. Сега откако го украде мандатот од народот, време да покаже кого излажа – Ахмети или Иванов? Кој документ е фалсификат – платформата или гаранцијата? Чии идеали ќе ги предаде – македонските или албанските? За неисполнувањето на тиранската платформа веќе нема да може да се вади ни на ВМРО-ДПМНЕ, ни на претседател, ни на народ.

kol246-zaev-ivanov-3

Човекот што го спроведе државниот удар во Собранието организирајќи незаконски избор на претседател на Собранието сега тврди дека сакал при изборот на влада да бидат завардени практиката и процедурите. Таа влада и тоа Собрание никогаш нема да бидат легитимни само затоа што ги признале дипломатите што учествуваа во ова политичко насилство. Затоа шефовите на Заев преку изнудениот мандат од Иванов имаат потреба да го легализираат сиот криминал што го направија изминатиот период. Време е да се бришат трагите и да се обвинат други за применетото силеџиство кон народот и кон државата. Со други зборови, народот ќе ја плати цената затоа што ја принуди длабоката држава во САД и нејзините структури во Брисел да се понижат до степен јавно да ги погазат сите демократски принципи и начела и, уште повеќе, да применат фашистички методи за инсталирање квислиншка власт.

Но, Заев и сите колаборационисти на новата влада, која ќе биде директно диригирана од странскиот фактор, треба да бидат свесни дека со доаѓањето на власт нивната одговорност не се брише. Не се брише ни меморијата на народот, кој вечно ќе го памети предавството. Ќе одговараат сите до еден пред народен трибунал за своите злодела, пред сѐ, кон државата. Заев, исто така, треба да биде свесен дека го загуби чадорот уште пред да седне на премиерската фотелја. Отсега натаму нека размисли кој ќе го брани од народот за злоделата. И нему и на сите околу него треба да им е јасно дека оваа фашистичка банда порано или подоцна ќе биде казнета од истите тие патриоти што ги направија терористи. Затоа што предавство на сопствениот народ не се простува!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top