| четврток, 6 декември 2018 |

Обединување голема Албанија е опасност која може да доведе до долга и крвава борба

kol242-nm-zaev-golema-albanija-740x320

„Исходот на кризата зависи од дејствата што ќе ги преземе СДСМ и неговите албански коалициски партнери. Доколку настојуваат за создавање власт спротивно на законите и на Уставот, протестите ќе продолжат со уште поголема сила. Зависи и од етничките провокации на албанските партии што се во коалиција со СДСМ, а тие постојано поставуваат нови и нови услови. На пример, еден од пратениците, кој беше претепан за време на нередите во Собранието на 27 април, најави дека како градоначалник на етнички мешаниот град Струга ќе тргне многу Македонци од службите во градот, а на нивно место ќе постави Албанци. Ваквите искази предизвикуваат гнев кај народот и ги засилуваат протестите“, вели новинарот и аналитичар Цветин Чилиманов во интервју за бугарската агенција „Монитор“.

Во опсежниот разговор, тој, меѓу другото, зборува за политичките случувања во земјата, протестите низ целата република, активностите и влијанието на Џорџ Сорос, мигрантските движења на Балканот…

„Прифаќајќи ја aлбанската платформа, лидерот на СДСМ, Зоран Заев, им вети многу работи на етничките Албанци, кои не можат да бидат исполнети. Тој направи и нешто поопасно – на своите македонски поддржувачи им рече да не се нервираат затоа што од ВМРО-ДПМНЕ ќе го спречат во исполнување на таквите ветувања бидејќи нема да има двотретинско мнозинство во парламентот. Така тој го распали албанскиот национализам, но потоа вели дека нема да ги исполни ветувањата што им ги дал. Тоа лесно може да доведе до политичка радикализација во двата етнички табора, до напрегнатости и инциденти. Гледаме дека политичкиот ментор на aлбанската платформа, Еди Рама, зборува за обединување на голема Албанија. Тоа секако дека е опасност, пред сè, за Македонија и секој обид за исполнување на едeн таков проект може да доведе до долга и крвава борба“, предупредува Чилиманов.

Тој нагласува дека нестабилната ситуација произлегува од фактот што повеќето од етничките Македонци гласаа за ВМРО-ДПМНЕ, но мнозинството е формирано од СДСМ и партиите на Албанците, со што е погазено правилото за коалирање победник со победник. За изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието вели дека е незаконски затоа што седницата беше завршена и немаше како да започне нова ниту, пак некој ги броеше гласовите, немаше дебата, на другите партии не им беше дозволено да предложат свој кандидат.

„Протестното движење на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ се појави по прогласувањето на албанската платформа – радикален документ напишан во канцеларијата на премиерот Еди Рама. Таа предвидува многу законски и уставни промени за да се регулираат меѓуетничките односи, со што ќе натежне страната на двонационална држава и ќе се намали политичката власт на Македонците и на другите малцински групи на сметка на Албанците. Тоа предизвика гнев кај народот. Може да се каже дека ВМРО-ДПМНЕ го поддржува основното барање на протестантите за нови избори и отфрлање на aлбанската платформа“, вели Чилиманов.

Потсетува дека Џорџ Сорос инвестирал повеќе од 100 милиони евра во македонските невладини организации и медиумски проекти, а во Фондацијата „Отворено општество“ има голем број интелектуалци од комунистичката ера, новинари и соработници на полицијата. Нивните активности се засилуваат секогаш кога на власт е ВМРО-ДПМНЕ.

„Во последните три години мрежата на Сорос е во партнерство со американската амбасада во Скопје и европските дипломати што се лево ориентирани“, предупредува Чилиманов и дополнува дека поради тоа се намалува поддршката на Македонците за членство кон ЕУ и НАТО.

Во однос на мигрантската криза Чилиманов вели дека јасно е дека Сорос, лево ориентираните политичари и невладини организации во Европа се обидуваат да ги држат границите отворени. „За Македонија тоа е безбедносен ризик, како и за цела Европа. Многу малку од бегалците остануваат во Македонија. Тие заминуваат во Германија, Австрија, Франција, Шведска и Велика Британија, со што предизвикуваат длабоки поделби во европскиот политички систем и враќање на национализмот“, нагласува Чилиманов во интервјуто за бугарски „Монитор“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top