Планот за создавање Голема Албанија со кој ЦИА, Сорос и некои западни дипломати, меѓу другото, сакаат да го затворат и македонското прашање е неверојатно сличен со тој на Хитлер, кој водејќи се од сонот за голема Германија пред окупацијата на Чешка во 1938 година ја измислил карлсбадската програма, која е предок на денешната тиранска платформа. Всушност, тоа што денес се случува во Македонија, застрашувачки потсетува на сето тоа што се случувало во Чехословачка непосредно пред инвазијата од Германија и пред почетокот на Втората светска војна. Дали Македонија ќе ја доживее судбината на окупирана и поделена Чехословачка, останува времето да покаже.
Во дваесеттите години од минатиот век Чехословачка беше млада држава формирана по распадот на Австро-Унгарското Царство, брзо развивајќи се во парламентарна демократија, која ги штити сите човекови права што ги прокламираат модерните западни држави. За тоа кратко време од своето постоење Чехословачка успева да спроведе модел на децентрализација во кој германското малцинство – Судетите, добиле можност да ги управуваат свои училишта на мајчин (германски) јазик и да имаат реална локална власт. Во судетската област каде што имало мнозинско германско население (3,5 милиони Германци) официјален јазик бил и германскиот. Судетските Германци имале право да избираат и да бидат претставувани од свои претставници во парламентот. Сѐ на сѐ, историјата пишува дека судетските Германци уживале подобар третман од кое било друго малцинство во Европа.
Сепак, историјата, исто така, забележала дека и покрај сите привилегии што ги уживале, Судетите се кренале на бунт под изговор дека се незадоволни од статусот. Подоцна било утврдено дека зад бунтот на Судетите стоел лично Адолф Хитлер, кој го искористил германското малцинство да предизвика криза во Чехословачка, а потоа да ја употреби ситуацијата како оправдување за инвазија на земјата и за „враќање на редот“. Всушност, зад сето тоа се криела идејата на Хитлер за голема Германија , која требало да ги обедини сите народи што зборувале германски јазик или некој германски дијалект во една голема држава. Воените агресии ги правдал со правото на заштита на германското малцинство каде и да се наоѓа.
Во одбрана на правата на судетските Германци во 1935 година е формирана Германската судетска партија СдП, на чело со Конрад Хенлеин. Улогата на Хенлеин денес во Македонија ја играат предавникот Зоран Заев и лидерите на албанските партии. Оваа партија била марионетска и сателитска партија на Националсоцијалстичката германска работничка партија, директно финансирана и поддржана од Хитлер. Сѐ до сигналот од фирерот во 1938 година, Хенлеин водел умерена политика, не барал радикални промени во Чехословачка, но постојано ја истакнувал нерамноправната положба на судетските Германци.

Од наведеното може да се увиди дека во периодот пред Втората светска војна ситуацијата во Чехословачка била многу слична како во Македонија пред почетокот на кризата што ја наметна квислингот Зоран Заев по наредба на центрите на моќ.
Но, што велат понатаму историските записи? Како продемократски ориентираната држава, која применува највисоки демократски стандарди за заштита на малцинските права, за само една година станува одговорна за воени провокации и завршува поделена и под окупација!?
Во март 1938 година марионетата Хенлеин добива наредба од Хитлер да создаде криза во земјата преку испорачување нереални барања до владата, а откако барањата ќе им бидат одбиени, германското малцинство треба да почне да се жали дека е прогонувано. Со тоа треба да ѝ се отвори патот на Германија да влезе во Чехословачка за да го заштити своето малцинство од прогон.

Така, прво партијата на Хенлеин во Народното собрание на Чехословачка на 29 март 1938 година бара на Судетската област да ѝ се даде политичка автономија, а потоа почнуваат протести на судетските Германци во таа област. Со овој настан е отворена таканаречената Судетска криза. Во април 1938 година на конгресот на партијата во Карлови Вари е донесена таканаречената карлсбадска програма, во која германското малцинство барало:
- Целосно изедначување на германската национална група со чешкиот народ;
- Потврда на судетската германска етничка група како правно лице за да се задржи овој статус на еднаквост во државата;
- Дефинирање и признавање област со германско население;
- Развој на германска автономна администрација во областа, во врска со сите аспекти на јавниот живот, доколку се однесуваат на интересите и на потребите на германската етничка група;
- Законски мерки за заштита и на тие судетски Германци што живеат надвор од судетската област каде што се мнозинство;
- Отстранување на неправдите нанесени на судетските Германци од 1918 година и исправање на штетата што била предизвикана во текот на овие неправди;
- Давање административни права на Германците – германски државни службеници за германските области;
- Целосна слобода да се признае и да се одржи нашата германска етничка припадност и нашиот германски поглед на свет.
Стратегијата на Хитлер за намерно предизвикување конфликт во Чехословачка денес ја гледаме на дело во Македонија, а точките од карлсбадската програма, буквално, се преточени во тиранската платформа каде што се бара редефинирање на државата во бинационална држава преку изедначување на албанскиот со македонскиот народ, воведување целосна двојазичност, признавање област со албанско население -федерализација, па дури и осуда на неправдите кон албанскиот народ преку декларација за геноцид.
Историските записи велат дека оваа карлсбадска програма директно влијаела на Уставот и на суверенитетот на Чехословачка, а со тоа и директно се влијаело на опстанокот на државата. Потоа Германија почнува античехословачка политичка кампања, дипломатска изолација и конечен воен удар на земјата.
Во следните недели Британија и Франција вршат притисок врз чехословачката влада да ги прифати барањата на Хенлеин во интерес на мирот во Европа. Место да го прифати предлогот, Едвард Бенеш, водејќи се од неточни разузнавачки информации што велеле дека е неизбежна германска инвазија, на 21 мај наредува делумна мобилизација на чехословачката војска, со тоа ја приближува Европа на чекор до војна. Таканаречената Мајска криза од 1938 година е запишана во историјата како криза во која Чехословачка се смета за одговорна поради „неоправдана воена провокација“ со која ги разгневила челниците на европските велесили. Германија ја искористила можноста да го претстави Бенеш како личност што е склона кон провоцирање војна. Во исто време, германската пропаганда ја бомбардира јавноста со лажни вести за случувањата во Чехословачка. Во една лажна вест се вели дека владата во Прага извршила мобилизација на војската по налог на СССР и на Франција. Оваа лажна информација подоцна е искористена како оправдување за инвазијата. Врз основ на таквиот развој на настаните нацистичкиот врв донесува одлука дека во „скора иднина“ мора да се изврши воена интервенција на Чехословачка.
На 5 септември владата во Прага сфаќа дека војната е речиси неизбежна, па во последен обид да спречи такво нешто прифаќа седум од осум точки од карлсбадската програма. Но, Хитлер немал намера да се задоволи со овие точки, па во пограничните подрачја почнал да собира германски трупи.
На 12 септември 1938 година фирерот одржува говор во Нирнберг во кој вели: Прашката влада во Судетската област веќе не е господар на ситуацијата. (…) Господинот Бенеш дрско ги предизвикува Германците верувајќи дека тие нема да смеат да застанат во одбрана на своите напатени браќа во Чехословачка.
Истиот ден судетските Германци почнуваат протести, а Бенеш прогласува воена состојба во земјата. Германија ја користи ситуацијата да ја оправда воената интервенција и влегува во Судетскиот регион на 1 октомври 1938 година. Искористувајќи ја слабоста на Чехословачка по ударот нанесен од Хитлерова Германија, Унгарците преземаат контрола врз областа Рутенија, а Полска навлегла во Тешен. На 15 март 1939 година фашистичка Германија ја окупирала Чешка.
Историјата, можеби, не запишала, но повеќе од сигурно е дека во времето кога била објавена карлсбедската програма дел од чешката и од меѓународната јавност не верувале дека овој документ ги загрозува Уставот и опстанокот на државата. Испровоцираната непромислена реакција на претседателот Бенеш да изврши мобилизација на војската, може да се смета за пресвртница во кризата, која целосно ја сменила позицијата на Чешка. Па така, од жртви, Чесите биле претставени како насилници, кои провоцираат воен судир, со што го предизвикале гневот на светските лидери, кои барале начин како да ја оправдаат воената интервенција на Хитлер, без притоа да го предизвикаат гневот на Третиот рајх.

Денес преку Соросовата пропагандна машинерија се создава слика за Македонија дека е недемократска земја, која ги загрозува правата на албанското малцинство. За Соросовите платеници нема ништо спорно во тиранската платформа, а истовремено стотиците илјади граѓани што протестираат на улиците за нив се националисти, без демократски капацитет да живеат во мултикултурно општество. Иронијата е во тоа што, истите тие што го обвинуваат македонскиот народ за фашизам, ги гледаме како свесно работат на спроведување на оваа фашистичка техника за провоцирање воен судир и за поделба на државата. Но, настаните од Чехословачка во 1938 година се само уште еден доказ дека историјата ќе го најде вистинското место и за овие македонски предавници.
(Текст објавен во 245. број на неделникот Република, 12.05.2017)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Андреј Бабиш: Чешка нема да прима ниту луѓе кои бегаат од војна!
-
Европскиот суд за човекови права пресуди: Имало тортура во тајни затвори на ЦИА во Романија и во Литванија
-
Тилерсон доби отказ бидејќи Трамп го нарекол „морон“? Трамп го избегна одговорот…(видео)
-
Нема промени – Лазаров останува во составот против Чешка


