| четврток, 6 декември 2018 |

Дачиќ:Албанските политичари се главната закана за мирот и стабилноста на Балканот

ivica

Европската унија треба да признае дека албанските политичари се главната закана за мирот и стабилноста не само на Балканот, туку и во Европа, изјави српскиот прв вицепремиер и министер за надворешни работи, Ивица Дачиќ, за сајтот Еурактив, јави агенцијата Танјуг.

Дачиќ беше замолен да ја искоментира изјавата на шефот на косовската дипломатија, Енвер Хоџај, дадена за грчки весник, во која Хоџај вели дека „Голема Албанија не е на дневниот ред ниту на косовската елита, ниту на Албанците во целина“. Српскиот вицепремиер, меѓутоа, смета дека тоа е „целосен апсурд“.

– Координираните изјави на Еди Рама, Хашим Тачи и Јонуз Муслиу покажуваат дека Велика Албанија е главната цел на сите Албанци- посочи Дачиќ, посочувајќи ги албанскиот премиер, косовскиот претседател и претседателот на Националниот совет на Албанците во Јужна Србија.

Првиот српски дипломат изрази „длабоко жалење“ што европската и меѓународната заедница, и особено ЕУ, не реагираат на фактот дека „албанските политичари се главната закана за мирот и стабилноста не само на Балканот,туку и во Европа”.

Европската Унија треба да ги брани своите основни принципи и постигнувања, ако тие се се уште валидни и почитувани, посочи Дачиќ.

– Ние сме сведоци на нов обид за измама, како кога косовските хушкачи во 1998 година тврдеа дека Ослободителната војска на Косово е создадена од српските тајни служби- рече Дачиќ.

-За жал, целиот свет и меѓународната заедница тогаш им поверува и Србија беше бомбардирана, што не беше во согласност со меѓународното право. Имам големи надежи дека во денешно време тие нема да поверуваат на лагите на косовските политичари и да ги прифатат- рече уште српскиот прв дипломат.

Дачиќ дополни дека многу пати Србија се докажувала како партнер, што ја заслужува довербата на меѓународната заедница, и никого не провоцирала, туку обратно – ја нуди раката за регионална соработка.

-Сакам да верувам дека Европа и меѓународната заедница ќе им дадат предност на активитетот пред лагите и измамите, рече Ивица Дачиќ, цитиран од Танјуг.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top