Екипата на Фенербахче е единствената која нема титула во Евролигата од четирите кои ќе настапат на овогодинешниот фајналфор во Истанбул. Нашиот Перо Антиќ е еден од ветераните во тимот, кој одиграл три завршни турнири во кариерата и на сите три стигнал до финалниот натпревар.
Минатата година Антиќ постигна 16 поени во поразот од ЦСКА Москва во големото финале во кое турската екипа се врати од негатива од 21 поен, но на крај немаше сили да ја заврши работата. Оваа година Фенербахче ќе игра на домашен терен, а во пресрет на полуфиналето Перо даде специјално интервју за официјалната веб страна на Евролигата.
Оваа година Фенербахче преживеа една од најтешките и најдолги сезони во Евролигата. Дали тоа го прави учеството на завршниот турнир уште повеќе специјално?
– Пред сè, добро е што се вративме на завршниот турнир по тешкиот регуларен дел од сезоната. Новиот формат уште повеќе ни ја отежна работата. Лично за мене е голема работа да играте на фајналфор турнирот две последователни сезони. Имавме доста тешка сезона во Турција, турскиот куп, турскиот Суперкуп, што одзеде многу енергија кај нас. Имавме добри моменти и падови, но и неколку повреди, затоа на крај сме задоволни од пласманот меѓу најдобрите четири екипи во Европа.
Што значи титулата освоена во 2012 година за тебе и за твојата кариера?
– Се разбира, таа ми носи многу убави спомени. Тоа беше важен момент за мене и мојата професионална кариера. Никој не очекуваше да се натпреварувам во Евролигата, бидејќи претходната сезона настапував во Купот на ФИБА. За само една година јас се најдов во финалето на Евролигата, а победата над ЦСКА Москва е голема работа за мене, моето семејство, мојата кариера и мојата земја. Тоа беше голем чекор во мојата кариера. Таа сезона имавме многу тешки моменти, но се боревме до крај како војници, војниците на Дуда.
Од каде е таа самодоверба да се пласирате без загубен натпревар во четвртфиналето, а да немате предност од домашен терен?
– Немаме проблеми околу самодовербата, бидејќи го имаме Жељко Обрадовиќ како тренер и предводник. Тој секогаш знае да ги употреби вистинските зборови за да направи да не бидете опуштени во секоја ситуација и да продолжите да работите напорно. Тимот одигра фантастично против Панатинаикос, а тука беше и Богдан Богдановиќ кој одигра феноменално на двата натпревари во Атина. Среќни сме што го имаме него, тој е голем талент на европската кошарка.
Во полуфиналето се среќавате со Реал Мадрид со кој одигравте фантастични натпревари во текот на сезоната. Што очекувате на следниот натпревар?
– Тоа ќе биде голема битка и ние ќе бидеме подготени за истата, но од моето искуство во ваквите натпревари не е сè во тимот кој го поседувате. На крај победува тој што повеќе ќе се бори тој ден. Ова ми е четврт завршен турнир, па имам доволно искуство да им се спротиставам на Шпанците. Игравме со нив оваа сезона, еднаш ги победивме, еднаш тие нас не победија. На крај, борбата ќе трае до крајот, а во еден натпревар сè може да се случи. Се сеќавате со Олимпијакос на турнирот во Мадрид 2013 година губевме со -17, а на крај победивме со 12 разлика.
Одбраната е заштитен знак за секоја екипа предводена од Жељко Обрадовиќ. Што треба да направите за да го сопрете нападот на Реал Мадрид?
– Жељко секогаш има работи кои знае да ги подготви за секој натпревар. Тој ни кажува нови работи на секој тренинг и добро не подготвува за секој следен предизвик. Кога ќе дојде натпреварот против Реал, ние ќе бидеме спремни. Го познаваме нивниот напад, како и високите играчи, кои знаат да предизвикаат проблеми. Тука е и Серхио Љуљ, кој игра неверојатна сезона. Го знам лично, тој е добар човек, но на теренот ние ќе бидеме непријатели и ќе се бориме еден против друг за трофејот.
Што мислиш за второто полуфинале помеѓу твојата поранешна екипа Олимпијакос и ЦСКА Москва?
– ЦСКА Москва има подолга клупа за резерви и класа на кошаркари, но од друга страна Олимпијакос има тимска хемија. Двата тима ги чуваат своите кошаркари долги години заедно, што е многу важно во вакви моменти. Имам голема почит за ЦСКА, нејзиниот персонал и тренер, но на крај јас би сакал Олимпијакос да се пласира во финалето.
За првпат ќе играш во тимот кој е домаќин на завршниот турнир. Дали тоа ќе има некаков ефект врз вашата игра?
– Сигурно дека и тоа ќе биде фактор и ќе ни даде многу енергија. Ако се сеќавате минатата година во Берлин речиси половина сала беше полна со навивачи на Фенербахче. Слушнав дека билетите за нашиот натпревар се распродале за 15 минути. Навивачката група ќе биде нашиот шести играч, а се разбира ние треба да ја искористиме нивната енергија и да ги наградиме со добар резултат. Навивачите ќе бидат тука за да ни помогнат, дури и ако загубиме.
Колкава е мотивацијата да стигнете до трофејот со оглед на тоа што ви избега за малку минатата сезона?
– Не ме потсетувајте на тој момент. Само се шегувам. Тренерот Обрадовиќ во многу наврати не потсети на таа ситуација и ни кажува постојано дека сите се сеќаваат на оној кој што ќе заврши прв, а не на второпласираниот. Некогаш победникот го решава еден скок, еден напад или пак 1,3 секунди. Не сакаме да ни се повтори истата ситуација и би сакале да победиме, но не го гарантираме тоа. Гарантираме дека ќе дадеме сè од себе и ќе бориме за да ги наградиме нашите навивачи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.