Во крешчендото на својот безидеен, патетичен и платенички творечки немир, сдсмовските стратези повторно се надминаа себеси. Верувале или не, а со нив одамна сѐ е веројатно, Заев стана Ганди?!
Провокаторот и идеен творец на собраниските инциденти, кој цели три години си игра со иднината на сопствената земја и нација, истиот тој што при силен елан бојосуваше институции со своите шарени посиноци и поќерки, кои ги вдоми во партијата и во парламентот, љубителот на скапи автомобили, теренски возила и на грчки хациенди, во очите на неговите недоветни јуришници се трансформираше, ни помалку, ни повеќе, во Махатма Ганди.
Без трошка срам, за перде нема ни абер, струмичкиот моќник и милионер, тежок најмалку 12 милиони евра (создадени во режим), хедонист, опортунист и политички авантурист и камикаѕе, го споредија со основоположникот на индиската држава, човекољубец и творец на ненасилниот граѓански отпор?! Постојат една милијарда различни причини зошто Заев не е, ниту некогаш ќе биде Ганди, но пропагандата си ги прави своето. Што е следно, Шекеринска ќе стане Мајка Тереза?
Црно и бело, предавник и патриот, Заев и Ганди…
Ганди е познат како татко на нацијата. Можете ли да го замислите Заев како таков? Ве полазуваат морници, се разбира, затоа што поимот татко на нацијата означува човек што ги сака својата земја, име, нација, историја, идентитет, јазик, химна, знаме, грб. Сака сѐ што е негово, било индиско или македонско. Да, означува патриот, нешто што нема никаква допирна точка со самонаречениот муртински спасител. Заев е убеден дека не е „црпнат“ од нивата за да биде, едноставно, фрлен настрана. Асоцијацијата со „црпнувањето“, пак, многумина ја поврзуваат со чадорот и со ролјата што му ја наменил на Заев во разнебитувањето на сопствената земја.
Да, овој пат, разбеснетите недоветни медиумски стратези на Заев му го ставија ореолот на Ганди за да го доловат лажниот моментот на вистинскиот ненасилен отпор, кој Индиецот го практикуваше, но заборавија на фактот дека истиот тој лидер на СДСМ цели три години, буквално, секојдневно го провоцираше и разбеснуваше народот. Уште едно битно прашање, Заев можеше да го избегне контактот со, со право, разбеснетиот народ, имаше и време и шанса за евакуација (сведоштва од парламентарната зграда), но самиот тој со намера останал таму за да се соочи со граѓаните со чиишто идентитетски обележја и држава јавно си игра веќе 10 години. Уште од 2008 година (виткањето „кичма“ за името) јадењето живи луѓе и најавениот партиски реваншизам (многу пацифистички и гандиевски), преку контрите на македонскиот патриотизам (јавно призна дека не им прилега), телефонското признание за пукање на избори (миротворецот Ганди, нели), диригирањето криза и самоуништувањето на иднината на сопствената земја и народ, па сѐ до иницијативната каписла со тиранската платформа.
Да не заборавиме, уште пред Села, Касами и Ахмети да помислат на некаква платформа, основата ја постави Заев во Берн, со двојазичноста и „убавината“ на федерализацијата на Швајцарија. Потоа, истиот тој што ѝ кумуваше, „со две раце“ ја прегрна и, заради пуста власт, ја прифати платформата, која треба да ја смени државата. Апсолутна идентичност, сѐ што некогаш Ганди посакал во животот за својата Индија, нели. Да не беше традиционално запален и кремиран пред очите на својот народ, сигурно ќе се превртуваше во гробот при секоја споредба со муртинецот. Заев е Ганди толку колку што шарената направија беше револуција. До ден денес таа е светски срам за поимот….
Антиколонијализмот на Ганди и чадорот на Заев
Една работа особено „боде очи“ при каква и да е споредба на Зоран Заев со Мохандас Карамчанд Ганди. Индискиот татко на нацијата, кого народот го нарече Махатма (великодушниот, достоинствениот) е најпознатиот светски ненасилен борец против колонијализмот и странските влијанија.
Знак на препознавање на „нашиот“ Зоран Заев, пак, е странскиот чадор и дузината амбасадори и дипломати, кои толку сесрдно, орно и без задршка постојано ги оправдуваат и милуваат неговите антинационални дејства. Замислете ги само заслужените епитети на Ганди, великодушниот и достоинствениот, до името на опортунистот Зоран. Махатма Заев?! Достоинствениот или великодушниот Заев?! Страшна, неверојатна неподобност, која прилега на монтипајтоноска пародија. Слична на „Брајановото житие“, во која сега, освен спасителот Заев, кај нас заигра и носителот на ликот на Клис, Гилијам и Палин. Да, во Македонија токму Брајан ја играше ролјата на Брајан. Секако, зборуваме за последната епизода во која настапи статистот Хојт Брајан Ји, а во која „спасителот“ Зоран беше само статист. Нејсе, уште една проѕирна и прочитана прикаска…
И додека Ганди го посвети и го даде својот живот во и за ослободување на својата татковина, „нашиот“ лидер на СДС без М, целата досегашна животна енергија ја насочи кон омаловажување на државниот идентитет, унитарност и нација. Барем досега, секако дека би се радувале кога би нѐ демантирал со новите дејства. Вака, место Махатма, подобро му прилега Хашим (Хашим значи уништувачот, макар на леб, но и на други работи). Замислете само, Хашим Заев, иако Агим ономастички сосема му прилега на претходното име (Зоран и Агим имаат исто значење – раѓање на денот, зора). Поведен од филозофијата на покровителот Сорос (која, најверојатно, не ни ја разбира, а за што, најверојатно, му помага „поубавата“ половина Радмила) лидерот е навлезен во небулозноста на идеите за непостоење национален идентитет, наднационални тела што го имаат последниот збор во одлуките на државите итн. Ред нелогични глупости, кои се противат на историјата и човечкото постоење. Заевисти наспрема гандисти би биле борги наспрема патриоти…
Заев вс Ганди – материјалното наспрема духовното
„На светот има седум гревови: богатство без труд, уживање без карактер, трговија без морал, наука без хуманост, обожување без жртва и политика без принципи“.
Ова е една од најпознатите мисли на Махатма Ганди. Голем дел од наведените гревови, пак, се неизоставен дел од секојдневната егзистенција на врхушката на СДСМ и на неговиот лидер. Дел од нив, без разлика дали се „кираџии“, адвокати, „професионални“ политичари или новинари, се зависници од првите три гревови, но сите се силно обединети во последниот.
Се вика политика без принципи. Како промотори на Соросовата идеологија, толку несоодветна и туѓа на овдешниот менталитет и култура, макијавелистичките чеда што се водат од максимата „власта ги оправдува средствата“ живеат во сосема различен свет од своите граѓани. Како тогаш и би го разбрале поривот на тие стотици илјади луѓе што секоја вечер ги полнат улиците? Како некој од СДСМ воопшто и би оправдал нешто толку недоходовно? Секако, освен тие нивни симпатизери што сфатија дека се продадени и изиграни и маршираат заедно со своите сограѓани…
Уште една позната мисла на Ганди вели: „Ги мразам привилегиите. Сето тоа што не може да се подели со народните маси, категорично го одбивам!“
Аха, привилегиите. Зборуваме за „аудиjа“, „поршеа“ и џипови од 80-ина илјади евра, хациенди и викендички од стотици илјади, јахти, АТВ-а, спиење од 2.000 евра на вечер, чанти од 2-3.000 евра, костуми од исто толку? Да, едноставноста и човекољубието на Ганди наспрема чаламот и непресушната желба на врхушката на СДС без М да покажат дека се поинакви и побогати, а со тоа се подразбирало дека се поумни и поубави…
Да, тој вистинскиот Ганди велел: „Богатите мораат да живеат едноставно, за сиромашните, едноставно, да можат да живеат“.
Банди е многу поблизок од Ганди
„Не чувствувам вина за ништо, ги жалам тие што чувствуваат вина“. Ова не е кажано од Ганди, се разбира. Но, мора да признаете, стопати повеќе им прилега на наведените ликови од СДСМ, од која било од мислите на Махатма.
Проблемот е што ова не е мисла на Ганди туку на Банди. Има и рима, нели.
За жал, најмногу на СДСМ и на врхушката, последната мисла е мисла на Тед Банди, еден од најпознатите американски и светски сериски убијци. Човекот на душа има повеќе од триесет убиства, а тоа што го карактеризира е што тоа го правел толку многу години, секогаш успевајќи да му избега на законот. Ве потсетува не некого?
Главната причина за ова е што бил многу темелен, упорен, убав и харизматичен. Првото или темелноста, доколку го проектираме случајот на Банди на политичката сцена во Македонија, е поверојатно карактеристика на „чадорот“, а другите две делумно одат в прилог на опозициската прикаска. Знаете, по востановениот урнек, наметнат од истиот тој „чадор“,кога забележаа дека Катица нема дел од овие карактеристики, ѝ ги наметнаа Ленче и Фатиме. Добро, харизмата повторно недостигаше.
Но чуму Заев и врхушката би биле поблиски до Банди, место до Ганди?
Зборуваме за човек што засега е само сериски убиец во обид. Убиец на националното. Кога зборуваме за сериски, пак, зборуваме за името, знамето, јазикот, химната, грбот, државата, идентитетот и „серија“ на сите негови обележја и за Македонија каква што ја знаеме и, не дај Боже, само паметиме. Дефинитивно, „новата“ екипа на СДСМ е поблиска до Банди отколку до Ганди…
Тед Банди, пак, како наравоучение, при судењето изјавил: „Општеството сака да верува дека може да ги идентификува злите и лоши луѓе, но тоа не е можно. Не постојат стереотипи…“
Пишува: Љупчо Цветановски
(Текст објавен во 244. број на неделникот „Република“, 5.5.2017)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.