| четврток, 6 декември 2018 |

Огромен успех на македонските виолинисти: Децата од „Пијанофорте“ со втора награда на престижен интернационален натпревар

Втора награда на интернационалниот музички натпревар за младинци „EMJ“ во Нерпелт, Белгија, е само последен од многуте успеси на учениците и тимот на приватното музичко училиште „Пијанофорте“ од Скопје. Групата од осум деца, под водство на искусната виолинистка д-р Тереза Крцоска, се врати дома со огромен успех за себе и за нашата земја.

За достигнувањето да е уште поголемо, мора да се напомени и реткоста на овој вид на состав со кој што нашите виолинисти настапија пред светското жири. Учениците на „Пијанофорте“, на возраст од 10 до 14 години, настапуваа во оркестар составен од виолини, што е тешка и деликатна задача, за која долго и посветено е подготвуваа.

33572935284_aed7978a0c_k

Тие настапија со интересен програм, неколку различни дела од познати композитори, кои беа исвирени во континуитет, за на крај да завршат со македонска музика, сплет на неколку народни песни во нов аранжман, што остави особен впечаток кај стручното жири.

Резултатот беше второ место во престижното биенале, каде своите вештини годинава ги одмерија 75 оркестри од целиот свет.

violina

Училиштето „Пијанофорте“ постои од 2000 година, првите десет години беше исклучиво школо за пијано, а веќе седум години е проширено и на другите инструменти, виолина, гитара и ударни инструменти.

Виолинската класа почна брзо да се развива, клавирската веќе беше развиена и со многу ученици, но во виолинската класа воведовме многу новитети. Основно е што децата покрај индивидуалната настава, како што се изучува инструмент, почнавме да ги составуваме во состави, што не се практикува во нашата државна програма. Прво почнавме со дуети, па со триа, па на крај некако го составивме оркестарот, кој функционира веќе три години и навистина е раритет. Се прават оркестри од други инструменти, но со виолини е многу деликатна работа, посебно со мали деца. Звучат како раштимана плоча, но постепено го доведовме тоа до такво ниво, што оваа година се осудивме да ги однесеме на ваков престижен фестивал – раскажува основачот на „Пијанофорте“ и дипломиран пијанист Виолета Стефановска-Шуковиќ.

muzicko skolo 7 (Custom)

Тереза Кирцоска и Виолета Стефановска-Шуковиќ

На фестивалот „ЕМЈ“ училиштето доби покана за присуство, откако името „Пијанофорте“ се повеќе се почна да се забележува на големите натпревари низ Европа.

Имаме многу меѓународни награди со деца солисти, последната пример беше пред два месеци, кога едно од нашите деца освои награда на светски натпревар во Лондон, „Great composers competition“. Темата беше Вивалди и нашето дете, инаку деветгодишно, доби втора награда. Лани имавме пијанистка која освои втора награда во Тревизо, Италија. Така се појавува школото на повеќе места, луѓето почнаа да го слушаат името „Пијано форте“ и така не поканија на овој фестивал. Целиот проект го носеше Тереза, таа ни е доктор на науки и виолинист и многу способен член на тимот, кој ја водеше оваа неколкумесечна подготовка – вели Стефановска-Шуковиќ.

muzicko skolo 3 (Custom)

„Пијанофорте“

Крцоска, која има богато педагошко искуство со виолина, не само со индивидуална настава еден на еден, како што најдобро се изучува инструмент, туку и на други програми од типот на музика и движење, музика за многу мали деца, групни часови по виолина, вели дека оркестарот дојде сам по себе во континуитет на целата работа.

Жирито, составено од високи професионалци со големо искуство во вакви натпревари, го забележа и квалитетот на поединците, како виолинисти. Колку што ги плени нивното заедничко свирење, коешто е карактеристика на оркестарот, толку ги плени и индивидуално колку се напред, колку се квалитетни како виолинисти тие дечиња. Тие не сретнале  деца на таа возраст толку квалитетно да свират – вели Крцоска.

33538870904_5954ac30b1_z

Начинот на кој што свират децата е перфектно поставен – додава Стефановска-Шуковиќ, која овие успеси ги препишува и на косопственикот на училиштето, познатата македонска виолинистка Марина Чадо.

Стефановска-Шуковиќ вели дека кај нив доаѓаат деца кои имаат желба да свират, но и возрасни кои таа желба дотогаш не си ја оствариле. Кај нив, вели, ги пречекува пријатна атмосфера за учење и одличен избор на професори.

Со многу љубов го правиме ова. Имаме многу близок однос со децата, заедно бираме дела, разговараме со нив, им даваме простор да се чувствуваат како големи, така од детето се извлекува максимум, со убав однос – вели таа, додавајќи дека нема поголема награда од тоа да ги гледа децата колку уживаат да свират.

muzicko skolo 6 (Custom)

Музичкото образование е од огромна важност за едно дете, сметаат професорките од „Пијанофорте“.

Има многу позитивни елементи за детето да свири инструмент. Прво го оплеменувате детето, почнува да сака уметност, да цени убави работи, музика, сликање…Уметноста е нешто што го прави човекот побогат. Потоа, свирењето е мултитескинг, прават повеќе работи одеднаш. Кај виолината, пример и кај клавирот, левата и десна рака имаат сосема различни движења. Тоа ги прави поспособни во животот. Друго, развиваат и голема самодоверба, затоа и имаме четири концерти на училиштето во текот на годината, не е случајно тоа. Кога ќе дојдат нови деца, на првиот настап се срамат, но на вториот, веќе гледате дека се посигурни, на третиот уште повеќе…Научуваат да конфронтираат публика, така градат самодоверба која ќе им помогне во животот во сенешто – вели Стефановска-Шуковиќ.

Таа апелира децата да учат да свират инструмент, па и да не станат музичари, ќе станат подобри луѓе, посигурни и посреќни во животот.

За повеќе информации за училиштето посетете ја нивната веб-страна, како и официјалниот профил на „Фејсбук“.

Пишува: Марина Костовска 
Фото: Александар Ивоновски и EMJfestival

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top