По информацијата на „Плусинфо“ дека поранешен висок владин функционер со служби од една соседна земја планирал ликвидација на тројца албански пратеници од македонското собрание, реагираше професорката Билјана Ванковска. Таа смета дека оваа вест е нешто што не може „да се проголта“. „Плусинфо“, посочувајќи дека „неофицијално дознава“ објави дека целта на тоа би била да се втурне земјава во сериозни меѓуетнички судири и да се создадат услови за прогласување на воена состојба.
-Како што дознаваме, планот требало да се реализира на голем народен протест, кој би послужил како параван за акцијата по што вината би се префрлила на толпата – пишува порталот.
Ванковска се огласи на својот профил на „Фејсбук“:
Ја читам следнава шпекулација: „Поранешен висок владин функционер со странски служби од една соседна земја планирал ликвидација на тројца албански пратеници од македонското собрание, неофицијално дознава ‘Плусинфо‚. Целта на тоа би била да се втурне земјава во сериозни меѓуетнички судири и да се создадат услови за прогласување на воена состојба“.
Овие „новинари“ сериозно мислат дека ова може да се проголта (заедно со онаа глупост за „Јасен“)? Јавноста треба да знае дека ниту во 2001 година кога загинаа многу луѓе, и од безбедносните структури и цивили, Република Македонија не можеше да прогласи ниту воена состојба ниту вонредна состоја! (Фрчко тесно го скрои Уставот, па воена состојба се прогласува само кога сме нападнати од НАДВОР, а вонредна состојба само во време на природни непогоди и епидемии.) Трајковски и неговиот Совет за национална безбедност бараа совети како да обезбедат активирање на војската, а јас бев индиректно прашања преку член на Советот, мојот колега Трајан Гоцевски. Уставните тесни рамки не дозволуваа ништо од тоа, ниту пак Трајковски можеше/смееше да го направи тоа на своја рака додека Собранието беше во заседание (и се караше околу тоа како да ја нарече УЧК – албанските пратеници се спротивставуваа на секаква експлицитна квалификација). Така, ние војувавме и луѓе умираа, и воени злосторства се вршеа, во мирнодобски услови! Се изведе еден правен маневар со одлука за проширување на граничниот појас за да може да се дозволат активности на АРМ во тој дел од територијата. Поголема воена криза од таа Македонија не доживеала – и сепак никој не прогласи воена состојба! Како замислуваат дека со елиминација на пратеници во Собрание би се предизвикала таква состојба, односно Иванов би презел такви мерки на своја рака? Иванов е врховен командант на војска која е однатре партиски и етнички поделена, тој е „тигар од хартија“! И полицијата, како што видовме, е поделена по истите линии, и затоа не само нефункционална, туку и опасна.
Ако нешто и се случи во МК, тоа нема да биде ни воена ни вонредна состојба, туку граѓанска војна која нема да потпадне под ниту една уставна или законска дефиниција, бидејќи системот (дури и оној за менаџирање кризи) е во парализа.
Ваквите „анализи“ ги сметам за потпалувачки, за опасни и дел од психолошка војна. Целта е да се заплаши и демонизира, да се подготви терен за елиминација под претекст дека се спречува воена состојба! Тоа не води никаде, освен директно во амбис! Затоа, медиумите – особено оние кои сакаат да бидат курири место „Курир“ – треба да размислат околу својот придонес во дестабилизација на земјата. Сè уште е кревко и неизвесно, па затоа ваквите шпекулации се погубни. Едно е потрага по факти и истражувачко новинарство среде длабока криза, друго е подбуцнувачко и манипулаторско новинарство.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.