| четврток, 6 декември 2018 |

На автобусите кои сообраќаат до Водно се поставени држачи за велосипеди

Поставени се држачите за велосипеди на три автобуси на линијата со број 25, која сообраќа од Транспортниот центар до Средно Водно.

На секој од автобусите има по три држачи, а доколку се појави интерес кај граѓаните, од ЈСП најавуваат дека ќе има вакви држачи и на автобусите на другите линии.

Kонкретната иницијатива за овој проект потекна од ЈСП, при што „На точак“ учествува со свои предлози и совети.

„На точак“, кои со години организираат низа настани за да го промовираат велосипедот како секојдневно превозно средство, го поддржаа проектот како позитивна новина и придонес во развојот на интегрираниот превоз во градот.

На крајот на мај лани ЈСП и „На точак“ одржаа средба по која граѓаните велосипедисти информираа дека има големи потенцијали за комбинирањето на автобускиот и велосипедскиот превоз, односно обата може да функционираат како добра комбинација и алтернатива на автомобилот – јавниот превоз поради својата брзина, а велосипедот поради можноста за превоз до врата.

Целни групи за комбинирање на превозот би биле граѓаните од приградските населби кои патуваат на работа или факултет. Тие до Скопје би допатувале со автобус, а би го продолжиле патувањето со велосипед низ градот. Или граѓаните што живеат во зони што не се на пешачко растојание од автобуските линии и поради тоа не ги користат, би пристигнале со велосипед до соодветната станица, а патувањето би го продолжиле со автобус.

Исто така, жителите и посетителите што со велосипед би ја продолжиле туристичката прошетка во насока кон Скопска Црна Гора, Kатланово итн. откако со автобус ќе стигнат до крајните дестинации.

Велосипедистите сметаат дека комбинирањето на превозот е и во полза на ЈСП бидејќи ќе ја зголеми достапноста до автобусите, а особено е важно за заштита на животната средина.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top