Еден од најголемите руски виртуози на пијано кој ги исполнува светските сали, Петр Лаул, во среда на 3-ти мај ќе одржи свој концерт во салата на Домот на АРМ во Скопје во 20 часот.
Критиката и љубителите на музичката уметност едногласно го прогласуваат Петр Лаул за еден од најталентираните и најуникатни пијанисти на денешницата.
Овој извонреден пијанист има концертна дејност која се протега низ речиси сите земји во Европа, но и надвор од границите на овој континент. Своето образование го стекнува во родниот град, поточно на Конзерваториумот во Санкт Петерсбург во класата на проф. Александер Сандлер.
Неговата активна изведувачка дејност – како солист и како камерен музичар, го носи во некои од најпрестижните музички сали во светот (Салата на Филхармонијата во Санкт Петерсбург, Концертната сала во Театарот „Марински“, Салите на Московскиот конзерваториум, Салата „Чајковски“ во Москва, Линколн центарот во Њујорк, Салата „Верди“ во Милано, Градската оперска сала во Токио, Салата на филхармонијата во Луксембург и на уште многу други сцени во Русија, Европа, Јапонија и Соединетите Американски држави), каде соработува со голем број значајни музички имиња, меѓу кои и диригентите Максим Шостакович, Валери Гергиев, Жан-Клод Касадесус, Николај Алексеев, и водечки оркестри, како Филхармонијата на Санкт Петерсбург, Московскиот симфониски оркестар, Бразилскиот национален симфониски оркестар, Естонскиот национален симфониски оркестар и многу други.
Чест гостин е и на некои на најголемите фестивали во Русија и Европа, меѓу кои и фестивалите „Ѕвездите на белите ноќи“ и „Лицата на интернационалниот пијанизам“ во Санкт Петерсбург, „Ноемвриска уметност“ во Москва, Пролетниот фестивал во Камчатка, „Уметничка пролет“ во Монако и други.
Добитник е на повеќе награди, меѓу кои и наградите за најдобра изведба на дела од Јохан Себастијан Бах и Франц Шуберт, како и почесната награда „За достигнувања на полето на уметноста“ од страна на Министерството за култура на Руската федерација. На полето на камерната музика вбројува соработки со Марк Копе, Сергеј Левитин, Алена Баева, Александар Гиндин, Дмитри Кузов, Иља Гринголц, Валери Соколов, Пол Мејер, квартетот „Бородин“ и многу други. Има издадено повеќе компакт-дискови за „Harmonia Mundi“,„Aeon“, „Onyx“, „Naxos“, „MarquisClassics“, „Querstand“, „Integral Classics“, „King Records“, „Northern Flowers“, а има остварено и бројни ТВ и радио снимки во Русија и други земји.
– Со огромно задоволство ја прифатив поканата повторно да настапам во Македонија, овој пат во главниот град. Знам за проектот Скопје Класик од колеги кои веќе беа дел од него и имаа само пофални зборови за организацијата, прекрасната публика и целокупното нивно искуство во Скопје. Драго ми е што настапувам на малиот но значаен јубилеј – 5 години Скопје Класик и се надевам дека ќе прерасне во реномирана манифестација со учество на врвни светски уметници. Јас со нетрпение очекувам да настапувам пред топлата македонска публика во среда, како и да остварам средба и мастер клас со младите пијанисти во Македонија, студентите од Факултетот за музичка уметност – Скопје – изјавува Петр Лаул.
Неговите концерти секогаш се инвентивни и честопати вклучуваат ретко изведувани дела, а така ќе биде и на концертот во понеделник на чијашто програма се дела од В. А. Моцарт, К. Дебиси и М. П. Мусоргски.
Влезниците за концертот кој е во организација на Скопје Класик со поддршка од Министерството за култура на Република Македонија се веќе пуштени во продажба и можете да се набават преку мрежата на МкТикетс.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст


