Во снимањето на акциониот трилер „Vijay 61“, кое се одвива во МНТ во Скопје, се вклучени над 1000 учесници од Македонија.
Од вчера (1 мај) во Скопје започна снимањето на првиот боливудски филм во Македонија, зад кој стојат многу популарни и наградувани имиња од Индија што работат на тнр. тамилски филмови односно индиски филмови снимени на тамилски јазик. Од 1 до 9 мај на сцената на Македонскиот народен театар ќе се одвива дел од снимањето на акциониот трилер „Vijay 61“, кој почна да се снима во Индија во февруари, а се очекува да заврши при крајот на годината.
„Vijay 61“ е работниот наслов на филмот во режија на еден од најинтересните тамилски режисери, 33-годишниот Арун Кумар – Атле, а во продукција на познатата продуцентска и дистрибутерска куќа „Шри Тенандал Филмс“, која постои веќе 40 години и зад себе има импресивна биографија од стотина филма во речиси сите регионални филмски индустрии во Индија. Снимањето на првиот боливудски филм во Македонија е плод на работата на македонскиот продуцент Дејан Илиев и Натарајан Рамџи, познат како локациски гуру во Индија, кој има обезбедено локации за над илјада филмови. Илиев во партнерство со Рамџи ја основаа „Минд продукција“ која го обезбедува снимањето на овој проект во нашата земја, на кој работи голема македонска екипа.
Имено, во техничката екипа, во која Македонија е вклучена и во работата на сценографијата, костимографијата, шминката, има 40 филмски работници. Инаку, во снимањето учествуваат и околу 900 актери, балерини, танчери и статисти, кои заедно со вработените во театарот ја достигнуваат бројката од над 1000 учесници од Македонија. Во МНТ се снима сцената од филмот која се одигрува на театарската сцена во Париз. Во Скопје е пристигната голема екипа и од Индија, која заедно со режисерот, главните актери, директорот на фотографија, сценографот, ја сочинуваат 70-тина луѓе.
Во „Vijay 61“ игра една од најголемите ѕвезди во Индија, Џозеф Виџеи Чандрашекар, познат како Vijay, кој не само што е најпопуларен, туку се смета и за највлијателен актер на тамилскиот филм во земјата. Освен Vijay, овој филм кој почна да се снима во Индија на 1 февруари 2017 година, собра импресивна екипа на многу наградувани и вистински ѕвезди на тамилскиот филм, сценариото е на К.В. Виџајендра Прасад, кој работи во Боливуд, а музиката е на уште едно големо индиско име, А.Р Рахман, исклучително влијателен композитор, кантавтор и музички продуцент.
Инаку, ова е втора соработка помеѓу младиот индиски режисер во подем Арун Кумар – Атле и големиот индиски актер Vijay. Режисерот Атле е познат по своето деби, романтичната комедија од 2013 година „Крал, кралица“ која собра ѕвездена актерска екипа, а беше направен во продукција на „Фокс Стар студиото“, кое што е спој на американскиот „Твенти сенчери фокс“ и индиското студио „Стар“, и двете во сопственост на „Руперт Мурдок 21 Твенти сенчери фокс“. Овој филм остварил заработка од 500 милиони за само 4 недели. Со вториот филм „Тери“, во кој Арун Кумар за првпат соработувал со Vijay, успева да се искачи на второто место на филмови со најголема заработка во јужниот дел на Индија. „Vijay 61“ е негов трет филм.
Продуцентската куќа „Шри Тенандал Филмс“ најавува дека се очекува филмот да биде готов до крајот на годината. А македонскиот продуцент Дејан Илиев, инаку првиот директор на Филмскиот фонд во Македонија, изрази големо задоволство за оваа значајна соработка, која како што рече, е плод на нивните напори да се донесе Боливуд во Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст