Хојт Ји доаѓа на најсветлиот комуњарски празник, 1 мај, во сега веќе јасен обид да го легитимира изборот на Талат за Спикер, со што би се отворил пат за формирање на комуњарска Влада. Спинот што се става на настаните од Собранието е јасен – се игнорира намерната провокација на СДСМ да почне со илегално гласање во време кога пред Собранието има најмногу гневни луѓе, и потоа да не се евакуираат од зградата (напротив, СДСМовците побараа засолниште кај новинарите, со што и нив ги донесоа во опасност, а потоа се надеваа на човечноста на пратениците од ВМРО, кои со години ги напаѓаа како стигнат, да им спасуваат жива глава од народот), пишува новинарот Цветин Чилиманов на Фејсбук.
Хојт ќе го надградува овој спин. Ќе врши притисок дека ВМРО, како насилници и силеџии, мора да го признаат комично нелегалниот избор на Талат, или барем да се дозволат ново гласање без дебата. Ќе го поддржи Заев во одбивањето да се влезе во дијалогот што го понуди претседателот Иванов. Ќе се заканува со санкции и безбедносна дестабилизација доколку не се формира Владата предводена од СДСМ, која ќе воведе де факто, ако не и де јуре федерализација и која ќе треба набрзина да го продаде името.
Чадорот, чиј дел е Хојт, ова ќе го правда во Вашингтон како потреба итно Македонија да се пикне во НАТО, вклучително со наместен референдум за името. Шансите планот да успее се минимални. Владата на СДСМ би имала никакво мнозинство, дури и ако Мисовски пак ги брои гласовите како што ги броеше во четвртокот. Очекувањата на албанскиот фактор за остварување на националната агенда веќе се нереално и надреално подгреани од страна на Заев и многу тешко ќе бидат смирени. Од друга страна, понудата на Грција кон Македонија, соочена со ваква уценета Влада, ќе биде катастрофално лоша. Доколку нешто тргне наопаку при реализацијата на вака замислениот план на Чадорот (а шансите за тоа се многу големи) ќе се види и на пракса дека Хојт и Стејт Департментот (со се в.д. портпаролот Марк Тонер на кого веќе му е најавена замената, но се уште пушта партиски соопштенија) се буквално отсечени од администрацијата на Трамп и дека немаат капацитет да влијаат врз соседните држави од кои може да доаѓаат секакви провокации.
За разлика од 2001, Хојт и Стејт Департментот сега немаат капацитет ниту да распоредат вооружени сили кои би ја смириле евентуално ескалирачката состојба (ЕУ не ја ни спомнувам тука, бидејќи нема поента за нив да се збори). А сепак, и покрај очигледната слаба состојба на теренот, Чадорот и СДСМ се однесуваат како да се врвот на својата моќ и играат крајно опасна игра. Сега ние мораме да бидеме паметни и за нив, и за СДСМ и за албанските партии, и да ги одвратуваме од лудите им идеи и смислените провокации што ги прават, но нормално дека трпението и во ВМРО е при крај, пред двегодишните очигледни неправди и злоупотреби.
Тајмингот на одлуката на СДСМ да ја ескалира кризата многу наликува на 2001 година, кога војната започна токму при транзицијата од демократска во републиканска администрација, која ќе беше далеку поблиска до ВМРО, а додека на клучните позиции каде се носат одлуки за Балканот се уште беа кадри на Клинтон.
Доколку како резултат на спроведува на планот на Чадорот кај големото мнозинство македонски народ остане чувството дека со сила им е одземено правото на глас и им е потчинета и понижена единствената национална држава што ја имаат, ние веќе никогаш нема да имаме мир и стабилност. Единствена шасна за Македонија во моментов е да се постигне согласност што поскоро да престанат овие безобразни притисоци, да се дозволи слободно изразување на реалната волја на граѓаните и да почнат постепено да се нормализираат односите со САД, коренито нарушени поради нивниот крајно партизиран пристап во времето на Барак Обама. Но, просторот за ова се смалува, со агресивното дејствување на остатоците од старата администрација кои газат на клучните ветувања дадени од страна на претседателот Трамп (дека САД ќе им дозволи на државите од светот самите да ги носат своите одлуки, без притисок и диктати). Во прашање е доведена не само државата туку и цивилизациската и стратегиска ориентација на македонскиот народ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.