Ја слушнав прес-конференцијата на Заев. Само нечовек не би се трогнал од сликата на повредени пратеници. Но, овде сакам да кажам нешто друго: првата реченица со која беше отворена прес-конференцијата покажува кусогледост, која страшно вознемирува. Изборот на Талат Џафери токму во тој миг, во онакви околности и со настаните кои следуваа никако не може да се оквалификува како чекор напред во демократијата! Демократијата синоќа го напушти собранието, а не се роди во него.
Ако веќе било толку лесно да се собере парламентарното мнозинство во еден ќош од пленарната сала, да се снима со мобилни, и да не се почитува процедурата – зошто чекаа до сега??? Зошто дозволија да се организира протестно движење, да се зоврие крвта, да се мобилизираат разни типови со беретки и качулки? Зошто ова се одложуваше два месеци?
Второ, изборот на Џафери не е исчекор, ниту решение на кризата; напротив, тој чекор – во околностите кои ги опишав – носи само продлабочување на кризата, и нејзино внесување во нова опасна фаза. Заев не е никаков Ганди, бидејќи Ганди беше умен човек, визионер, со народ кој беше спремен да гине за ослобиодување од колонијалната британска власт – Заев е со 49 пратеници и со поддршка од меѓународниот фактор, и секако од опортунистичките албански пратеници. Да кажеш дека Талат е влог во една нова реформска влада значи да го амнестираш ДУИ од сите криминали и придонес во коалицијата со
ДПМНЕ. Дури и да профункционира собранието со новиот претседател, очекувајте нови сцени, бидејќи меѓу пратениците веќе има зла крв, а не желба за заедничко водење на државата.
Ви текнува на „духот на консензус“ за кој зборуваше Фуере, но и многу негови колеги? Овде има дух на омраза и нетрпеливост! Се плашам од паралелни или уште поразорени институции, сега кога од праламентот „тепачката“ (или тепачката) ќе се пренесе на сите други нивоа.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Ванковска: Бојкотирам сме ние, видливото мнозиноство од кое се плаши оваа забегана власт!
-
Ванковска: Она горчливо чувство кога кривичниот прогон не ти дава чувство на правда и сатисфакција!
-
Ванковска: Манифестот на Венко е нов Илинденски манифест, како порака дека треба да се фатиме за работа!
-
Ванковска: Според Уставот, за одлука за стапување во сојуз или заедница треба 900 илјади гласа „за“