| четврток, 6 декември 2018 |

Зијадин Села синоќа примен на Ургентен, Шеќеринска се здобила со полесни повреди

Во Ургентниот центар лекарска помош побарале 28 повредени во синоќешните настани во Собранието, од кои шестмина се хоспитализирани, а другите по укажаната помош се пуштени на домашно лекување со даден совет за контролен преглед, изјави денеска директорот на Универзитетската клиника за трауматологија, ортопедија, анестезија и реанимација, интензивно лекување и Ургентен центар (ТОАРИЛУЦ), Реџеп Селмани.

Посочи дека од шестмината хоспитализирани, тројца се примени во Одделот за интензивно лекување од кои на двајца синоќа им била извршена хирушка интервенција.

– Еден од стационираните е примен на Клиниката за пластична хирургија, а двајца на Клиниката за неврохирургија. Од вкупниот број повредени 19 се припадници на МВР, рече Селмани.

Одговарајќи на новинарско прашање рече дека меѓу повредените кои биле примени во Ургентниот центар е и пратеникот Зијадин Села, кој, како што истакна, има сериозни повреди.

– Примен е во Одделот за интензивно лекување КАРИЛ. Неговата здравствена состојба е стабилна и не е во животна опасност. Уште двајца пратеници, меѓу кои и Радмила Шекеринска, беа донесени во Ургентниот центар со полесни телесни повреди и потоа се пуштени на домашно лекување, рече Селмани.

Одговарајќи на новинарско прашање рече дека еден од стационираните има отворена фрактура, скршеници на двете потколеници и кај него била извршена хирушка интервенција на Клиниката за трауматологија, друг има повреда скршеница на петната коска и кај него е извршена хирушка интервенција, а останатите се со полесни повреди.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top