| четврток, 6 декември 2018 |

Правда базирана на незаконски прислушувани приватни разговори е неправда за секој граѓанин во Република Македонија

Основниот суд Скопје 1 уште во 2015 година ги отфрли снимките од телефонските разговори и транскриптите, приложени како докази за прислушување, бидејќи биле прибавени на незаконски начин. Иако СДСМ обвинува дека одлуката е противправна, експертите по право и меѓународната практика, се децидни – судот работел исклучиво според законот.

Прислушуваните материјали се обезбедени на незаконски начин, без примена на законски утврдена процедура од страна на одметната група на чело со Верушевски кои на своја рака го прекршиле законот и вршеле снимање на телефонските разговори без одобрение ниту од обвинител, ниту од суд, ниту од било каков друг надлежен орган. Како такви тие материјали не може да се користат во судска постапка и политизација на овој случај не е потребна воопшто. Се работи за чисто правна проблематика и токму на изработка на овој нов закон за кривична постапка работеше работна група која беше предводена, односно чиј претседател беше социјалдемократскиот жесток поддржувач Гордан Калајџиев како и професорката Гордана Бужаровска, изјави за Република професорот од Правниот факултет Александар Климовски и појаснува дека врз основа на барање на адвокат, судот уште во август 2015 година донесе одлука за издвојување на тие материјали и со право ги стори неупотребливи во идни судски постапки.

Судот не можеше да донесе поинаква одлука со оглед на фактот што тука имаше црно бела ситуација: ако доказите се незаконски стекнати се носи одлука за издвојување на тие докази, ако не се незаконски стекнати се одбива барањето, дециден е професорот.

Никаде во светот не може да се покрене судска постапка врз основа на докази до кои се дошло преку нелегален пат. Материјали кои се обезбедени на незаконски начин, како што на незаконски начин се обезбедени прислушуваните материјали, никако не можат да се користат како докази ниту пак врз нив да се заснова судска одлука. Оттука, нема ништо спорно во судската одлука, а тоа го потврдува и членот 12 од Законот за кривична постапка, кој вели: „Доказите прибавени на незаконит начин или со кршење на слободите и правата утврдени со Уставот на Република Македонија, законот и меѓународните договори, како и доказите произлезени од нив, не можат да се користат и врз нив не може да се заснова судската одлука“.

Целта е да се обесхрабри загрозувањето на фундаменталното право на почитување на приватниот живот

Целта на овие македонски, европски и американски законски решенија, смета Климовски, е да се обесхрабри загрозувањето на фундаменталното право на почитување на приватниот живот преку одбивање на доказите прибавени на противправен начин, вклучително и преку загрозување на правото на приватност. Во спротивност, секој кој би стекнал вакви материјали би можел истите да ги користи и за тоа да не сноси никаква одговорност за нивна дистрибуција или закана за дистрибуција во јавноста. Со тоа приватниот живот на секоја граѓанин во Република Македонија не би постоел, односно целосно би се укинал со обелоденување, односно прикажување во јавноста.

Со логиката на постапувањето на Заев, СДС и СЈО, за жал, тоа е сосема нормално кога се работи за другите. Затоа СЈО како алката на СДС ги преслушува и истражува само прислушкуваните разговори на функционери од спротивните политички партии. Заев своите разговори и оние на своите луѓе најверојатни ги задржал кај себе, за да си обезбеди механизам за “дисциплинирање” во своите партиски редови. Можеме да замислиме што македонскиот би направил македонскиот Фауст како премиер на Владата на Република Македонија со овој аморален, криминоген начин на функционирање, вели Климовски.

Денес, кога имаме високоразвиена технологија на полето на следењето на комуникациите, при нејзина евентуална злоупотреба од страна на криминални групи, особено при масовно прислушување на разговори, може да доведе до загрозување на приватниот живот и да биде алатка во нивните раце за уцени од разни мотиви, изнуди на пари и услуги и да доведе до целосен распад почнувајќи од семејните односи, па се до деловните и политичките реалции меѓу поединци или групи, предупредува професорот.

Исто така, вадењето од контекст на кажаното во тие разговори и нивното паушално поврзување со одредени фикции и нивно третирање како правни настани кои воопшто не се ни случиле води кон единствен заклучок, а тоа е дека институцијата која ги третира тие незаконски прибавени прислушкувани разговори (СЈО) работи непрофесионално и политички мотивирано. И токму затоа професоналното и законитото работење на судот кој постапува по нивните предмети им беше пречка во остварување на нивната политичка агенда. Кога политиката ќе се наметне врз правото, и кога таа ситуација ќе премине на теренот на правосудството, не можеме да очекуваме реализација на правдата, бидејќи правдата е тоа што е вградено во правните норми. Затоа сите повици од одредени „засегнати“ поединци (читај „независни аналитичари и експерти“, протестирачи (читај Шарена револуција), невладини организации (читај Сорос) или политички партии (читај СДС) за правда, се само хистерична мимикрија на она што значи право и правда во Република Македонија.

Преку случајот со објавување на незаконски приватни разговори и нивно користење за уцени и изнуди, правото и правдата се категории од кои погоренаведениве се светлосни години одалечени од нив. Таквата правда базирана на незаконски прислушувани приватни разговори и таквото право кое го наметнаа со противуставни договори (читај Пржински договор) за која тие се залагаат значи неправда за секој граѓанин во Република Македонија, завршува Кломовски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top