Основниот суд Скопје 1 уште во 2015 година ги отфрли снимките од телефонските разговори и транскриптите, приложени како докази за прислушување, бидејќи биле прибавени на незаконски начин. Иако СДСМ обвинува дека одлуката е противправна, експертите по право и меѓународната практика, се децидни – судот работел исклучиво според законот.
–Прислушуваните материјали се обезбедени на незаконски начин, без примена на законски утврдена процедура од страна на одметната група на чело со Верушевски кои на своја рака го прекршиле законот и вршеле снимање на телефонските разговори без одобрение ниту од обвинител, ниту од суд, ниту од било каков друг надлежен орган. Како такви тие материјали не може да се користат во судска постапка и политизација на овој случај не е потребна воопшто. Се работи за чисто правна проблематика и токму на изработка на овој нов закон за кривична постапка работеше работна група која беше предводена, односно чиј претседател беше социјалдемократскиот жесток поддржувач Гордан Калајџиев како и професорката Гордана Бужаровска, вели во изјава за Република професорот од Правниот факултет Александар Климовски и појаснува дека врз основа на барање на адвокат, судот уште во август 2015 година донесе одлука за издвојување на тие материјали и со право ги стори неупотребливи во идни судски постапки.
-Судот не можеше да донесе поинаква одлука со оглед на фактот што тука имаше црно бела ситуација: ако доказите се незаконски стекнати се носи одлука за издвојување на тие докази, ако не се незаконски стекнати се одбива барањето, дециден е професорот.
Никаде во светот не може да се покрене судска постапка врз основа на докази до кои се дошло преку нелегален пат. Материјали кои се обезбедени на незаконски начин, како што на незаконски начин се обезбедени прислушуваните материјали, никако не можат да се користат како докази ниту пак врз нив да се заснова судска одлука. Оттука, нема ништо спорно во судската одлука, а тоа го потврдува и членот 12 од Законот за кривична постапка, кој вели: „Доказите прибавени на незаконит начин или со кршење на слободите и правата утврдени со Уставот на Република Македонија, законот и меѓународните договори, како и доказите произлезени од нив, не можат да се користат и врз нив не може да се заснова судската одлука“.
СЈО може да понуди незаконски докази, но судот проценува дали ќе им поклони верба
Професорката по уставно право Тања Каракамишева – Јовановска објаснува дека нашиот Закон за кривична постапка, не случајно уште во основните начела, поточно во чл. 12, став 2 утврдува дека „доказите прибавени на незаконит начин кои со кршење на слободите и правата утврдени со Уставот на Република Македонија, законот и меѓународните договори, како и доказите произлезени од нив не можат да се користат и врз нив не може да се заснова судската одлука“. Практично, овој став од членот кажува се во врска со (не)дозволеноста незаконски стекнатите прислушувани материјали, како и доказите кои произлегуваат од нив да можат да се користат како законити и полноправни докази врз основа на кои ќе се носи судската одлука.
Впрочем, и професорите по казнено-процесно право од Правниот факултет во Скопје во својот учебник од 2015 година, на страна 44, точка 3-Судските одлуки не смеат да се засноваат врз незаконити докази, ќе констатираат: „Нашиот ЗКП предвидува исклучување на правно невалидните докази, пропишувајќи во основните начела дека тие се недозволени согласно чл. 12, став 2, од ЗКП“.
На овој начин, велат професорите, се настојува да се добие целосно чиста концепција на законот, според која, во кривичната постапка како доказен материјал може да се употреби само оној што е набавен со почитувањето на основните процесни форми и гаранции за заштитата на правата на граѓаните. Ова начело произлегува од идејата за правичност, ќе заклучат професорите. Согласно чл. 93 од ЗКП се вели дека кога во законот е определено дека врз некој доказ не може да се заснова судската одлука, судијата во претходна постапка, по службена должност или по предлог на странките, ќе донесе решение за издвојување на тој доказ од списите најдоцна до завршувањето на истражната постапка. По подигнувањето на обвинителниот акт, решение за издвојување на доказ донесува советот за оцена на обвинителниот акт. Против ова решение е дозволена посебна жалба по која одлучува повисокиот суд. По правосилноста на решението издвоените докази се чуваат кај судијата на претходната постапка, одвоено од другите списи и не можат да се разгледуваат ниту можат да се користат во постапката. Издвоените записници се затвораат во посебна обвивка и се чуваат кај судијата во претходната постапка. Издвојувањето на доказите може да биде направено по барање на странките, но судот е тој што одлучува дали и колку докази треба да бидат издвоени согласно законот.
При тоа, нашиот закон ја има прифатено теоријата на слободна оцена на доказите (слободно судиско уверување) како клучна доказна теорија која се заснова на фактот дека судијата суди врз основа на стекнатото убедување во постоењето, односно непостоењето на определен факт. Според оваа теорија, законот не бара од судиите да полагаат сметка за начинот врз основа на кој тие го создале своето уверување, ниту пак им пропишува правила според кои треба да ја одредуваат потполноста и доволноста на еден доказ. Од судијата единствено се бара мирно, прибрано, и со искрена совест да испитува каков впечаток на нивниот ум оставиле доказите поднесени против обвинетиот, како и во негова одбрана. Суштината на слободната оценка на доказите се состои во правото на судот да го оценуваат (не)постоењето на фактите според сопственото убедување и ваквата нивна оценка не е врзана ниту ограничена со посебни формални доказни правила. Имајќи го во предвид изнесеното може да се заклучи дека страната што обвинува (во нашиов случај СЈО) може да предложи различни докази со цел да го оправда своето постапување, поведување истрага, или поведување обвинителен акт, но она што е важно е дека само судот е тој што е надлежен да цени дали понудените докази можат да се употребат, дали се дозволени или не во судската постапка.
Тужителот, СЈО може да стави се на хартија, и да понуди разно-разни, па дури и незаконски докази, но судот е тој државен орган кој мериторно проценува и на крај одлучува дали ќе им поклони верба, дали ќе ги издвои како незаконски, и што со тие докази натаму.
Меѓународната кривично-правна практика на страната на судот
Правните експерти појаснуваат дека правниот основ по кој се водел македонскиот суд е ист како и во САД и во европските држави. Според американските закони доказите на СДСМ би се нарекле „плодови на отровно дрво“ и тие не може да бидат доказ во ниту една граѓанска, кривична или управна постапка.
И законските решенија од Белгија, Кипар, Шпанија, Грција, Исрка, Луксембург, Холандија, Португалија, Малта го предвидуваат исто, што и нашиот закон, односно доказите прибавени на противправен начин, не се допуштени во рамки на судска постапка.
И Европскиот суд за човекови права заземал став дека користењето на противправно прибавени докази, особено доказите прибавени со повреда на членот 8 од Конвенцијата кој го гарантира правото на почитување на приватниот живот може да доведе до неправична кривична постапка.
Според правото во Грција, правниот режим на доказите прибавени со предизвикување на повреда на заштитата на приватниот живот е регулиран со Уставот. Став 3 од член 19 од Уставот на Грција, усвоен со уставните измени од 2001, предрвидува дека „користењето на докази прибавени со повреда на правата од овој член (заштита на тајната на кореспонденцијата и комуникацијата генерално) како и членовите 9 (заштита на приватниот живот, фамилијарниот живот и домицилот) и 9А (заштита на личните податоци) е забрането“.
Генерално е признато дека оваа забрана е директно и веднаш применлива и дека таа ги покрива сите постапки судски и административни, дури и во отсуство на конкретни правни норми.
Според грчкиот Устав, како резултат на ова, доказите прибавени со повреда на правата коишто го заштитуваат приватниот живот треба да бидат отфрлени како недопуштени, под закана за запсолутна ништавност на кривичнатга постапка во случај на нивно користење од страна на судијата. Ова се однесува без оглед на сторителот на таа повреда (дали станува збор за јавен орган или приватно лице).
Ниту во Италија не смее да се користат докази стекнати спротивно на законот. Член 191 од Законот за кривична постапка на Италија ја уредува допуштеноста на доказите во кривичната постапка во Италија. Според оваа одредба, доказите прибавени со предизвикување на повреда на забраните предвидени со закон, не можат да бидат употребени.
Неможноста за нивна употреба може да биде проверена/верифицирана од орган на државата во која било фаза на постапката. Што се однесува до прислушување на разговори или комуникации, член 271 од Законот за кривична постапка на Италија во став 1 и 3 се предвидува дека „резултатите од прислушување не можат да бидат користени доколку истите биле реализирани надвор од оние случаи предвидени со законот или доколку одредбите од член 267 (коишто ги дефинираат условите и формите на овластување) и член 268 ставовите 1 и 3 (начини на извршување на операциите) не биле почитувани. Во секоја инстанца на постапката, судијата кој ја поседува документацијата од прислушувањата предвидени со став 1 и 2 од овој член обезбедува истите да бидат уништени, освен доколку тие не претставуваат предмет на кривичното дело“.
Докази како оние на Заев не поминуваат ни во Шпанија, Португалија, Холандија…
Во шпанското законодавство оваа материја ја регулира Органскиот закон 6/1985 од 1 јули за судската власт, во членот 11.1, во кој се вели дека „доказите прибавени директно или индиректно со повреда на фундаменталните слободи и права не можат да предизвикуваат правни ефекти“.
Уставот на Португалија во член 32 предвидува дека доказите прибавени преку упад во приватниот живот (како овие на Заев), особено преку следење на комуникациите, ќе се сметаат за ништовни. Се смета дека кривичниот прогон во никој случај не ја легитимира употребата на неовластено прибавени докази. Во став 8 од членот 32 децидно се предвидува дека сите докази прибавени на противправен начин, вклучително и преку упад во приватниот живот и домот, а особено преку следење на кореспонденцијата и телекомуникациите ќе се сметаат за ништовни.
Членот 359 а од Законот за кривична постапка на Холандија предвидува дека доказите обезбедени со кршење на човековите права, вклучително и правото на приватност, се исклучуваат и не можат да послужат како докази во прилог на обвинението, па дури и недопуштеност на обвинението, доколку доказите во прилог на истото биле обезбедени со сериозно прекршување на човековите права.
Во Ирска, пак, прибавувањето на докази за кое ќе се констатира дека било свесно и намерно направено на начин со кој се кршат уставните и законските гаранции за заштита на правото на приватен живот неминовно ќе доведе до изземање на таквите докази, односно нивно прогласување за недопуштени во текот на кривична постапка во која биле предложени.
Инаку на изработката на Законот за кривична постапка, според кој судот ја носи одлуката, работеа експерти кои важат за блиски до СДСМ. Работната група беше предводена од професорот Гордан Калајџиев, за кој се верува дека е еден од советниците на Заев, а дел од групата беше и професорката Гордана Бужаровска, која јавноста ја поврзува со СДСМ.
Целта е да се обесхрабри загрозувањето на фундаменталното право на почитување на приватниот живот
Целта на овие македонски, европски и американски законски решенија, смета Климовски, е да се обесхрабри загрозувањето на фундаменталното право на почитување на приватниот живот преку одбивање на доказите прибавени на противправен начин, вклучително и преку загрозување на правото на приватност. Во спротивност, секој кој би стекнал вакви материјали би можел истите да ги користи и за тоа да не сноси никаква одговорност за нивна дистрибуција или закана за дистрибуција во јавноста. Со тоа приватниот живот на секоја граѓанин во Република Македонија не би постоел, односно целосно би се укинал со обелоденување, односно прикажување во јавноста.
–Со логиката на постапувањето на Заев, СДС и СЈО, за жал, тоа е сосема нормално кога се работи за другите. Затоа СЈО како алката на СДС ги преслушува и истражува само прислушкуваните разговори на функционери од спротивните политички партии. Заев своите разговори и оние на своите луѓе најверојатни ги задржал кај себе, за да си обезбеди механизам за “дисциплинирање” во своите партиски редови. Можеме да замислиме што македонскиот би направил македонскиот Фауст како премиер на Владата на Република Македонија со овој аморален, криминоген начин на функционирање, вели Климовски.
Денес, кога имаме високоразвиена технологија на полето на следењето на комуникациите, при нејзина евентуална злоупотреба од страна на криминални групи, особено при масовно прислушување на разговори, може да доведе до загрозување на приватниот живот и да биде алатка во нивните раце за уцени од разни мотиви, изнуди на пари и услуги и да доведе до целосен распад почнувајќи од семејните односи, па се до деловните и политичките реалции меѓу поединци или групи, предупредува професорот.
–Исто така, вадењето од контекст на кажаното во тие разговори и нивното паушално поврзување со одредени фикции и нивно третирање како правни настани кои воопшто не се ни случиле води кон единствен заклучок, а тоа е дека институцијата која ги третира тие незаконски прибавени прислушкувани разговори (СЈО) работи непрофесионално и политички мотивирано. И токму затоа професоналното и законитото работење на судот кој постапува по нивните предмети им беше пречка во остварување на нивната политичка агенда. Кога политиката ќе се наметне врз правото, и кога таа ситуација ќе премине на теренот на правосудството, не можеме да очекуваме реализација на правдата, бидејќи правдата е тоа што е вградено во правните норми. Затоа сите повици од одредени „засегнати“ поединци (читај „независни аналитичари и експерти“, протестирачи (читај Шарена револуција), невладини организации (читај Сорос) или политички партии (читај СДС) за правда, се само хистерична мимикрија на она што значи право и правда во Република Македонија.
Преку случајот со објавување на незаконски приватни разговори и нивно користење за уцени и изнуди, правото и правдата се категории од кои погоренаведениве се светлосни години одалечени од нив. Таквата правда базирана на незаконски прислушкувани приватни разговори и таквото право кое го наметнаа со противуставни договори (читај Пржински договор) за која тие се залагаат значи неправда за секој граѓанин во Република Македонија, завршува Кломовски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст