| четврток, 6 декември 2018 |

Груевски: Брзи избори се најдобриот излез од кризата

Македонија се соочува со период којшто е карактеристичен по тоа што се наоѓа после избори со една голема изборна измама. Ние имаме период во којшто безмалку 60 дена, два месеци, илјадници граѓани се на улица протестирајќи против изборната измама што им се случи. Оние партии коишто ѝ ја направија таа измама, предводени од СДСМ, очигледно сѐ уште не можат да го препознаат револтот и незадоволството на граѓаните и очигледните протести со коишто се бара таа изборна измама да се тргне од маса, изјави денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, одговорајќи на новинарско прашање за коментар околу политичката ситуација.
-Како што видовме пред некој ден, граѓаните веќе ги преформулираа своите барања. Тие сфаќаат дека Заев не може да се откаже од тиранската платформа, дека ја има преземено, дека има дадено цврсти ветувања, практично дека можеби е уценет или на некој начин нема излез. И затоа, претпоставувам се преформулира нивното барање во барање за предвремени избори – рече Груевски.

Тој нагласи дека коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ и коалициските партнери на ВМРО-ДПМНЕ тоа го побарале уште кон крајот на јануари.

– Ако тогаш СДСМ и нивните коалициски партнери го прифатеа тоа, сега веќе ќе имавме избори и ќе завршеше кризата. Сакам да потенцирам дека кога една партија ќе излезе на избори и ќе каже едно, а после ќе направи друго и со тоа ќе направи крупна изборна измама, таа партија треба да очекува дека ќе се соочи со револтот на граѓаните и тоа ѝ се случува на Македонија, тоа ѝ се случува на СДСМ и затоа кризата е пролонгирана – рече Груевски.

Од овие причини, подвлече Груевски, „уште еднаш потврдувам дека најдобар излез од оваа ситуација е да се оди веднаш на брзи предвремени избори, заедно со редовните планирани локални избори, кои патем речено заради чекорите на СДСМ се одложија“.

– И потоа нека излезат тие со она што го нудат, со она што го прифатиле, со тиранската палтформа, со се’ што сакаат. Ако граѓаните тоа им го одобрат, ако добијат мнозинство гласови, нека направат влада и нека го исполнат тоа што го наумиле и тоа што некаде го ветиле. Тоа е барањето на граѓаните во овие нивни револти и навистина никогаш досега не се случило толку многу долги и толку многу големи протести на граѓани низ цела Македонија, речиси 60 дена. Меѓу 100 и 200 илјади граѓани секој ден маршираат низ улиците во 30-тина градови во Македонија. Тоа е нешто за што опозицијата, односно СДСМ и партиите со неа треба да се замислат и треба да излезат во пресрет на народот, во пресрет на граѓаните, бидејќи на крајот на краиштата тие се тие коишто не само во декември, туку и во иднина треба да гласаат во Македонија и да даваат поддршка на една или на друга партија – рече Груевски.

Тој заклучи дека СДСМ и другите партии треба да внимаваат што прават, бидејќи ќе има и други избори во иднина. Ако сега вака се однесуваат со граѓаните со изборна измама и со игнорирање на граѓаните и нивниот револт, рече Груевски, тоа ќе ги чини многу скапо и во иднина и во сите наредни изборни циклуси.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top