| четврток, 6 декември 2018 |

Кампања за подигнување на свеста од штетните последици од фалсификатите

Заштита на корисниците од купувањето фалсификувани производи е целта на кампањата за подигнување на свеста за штетни последици што се одржа во Скопје во рамки на Твининг проектот „Зајакнување на правата од интелектуална сопственост“ имплементиран од „Данската канцеларија за патенти и трговски марки“.

Од Царинската управа, која учествуваше во кампањата, посочуваат дека фалсификуваните производи преставуваат огромен ризик за здравјето на луѓето, додека светската економија бележи огромни загуби поради дејствија поврзани со производството и пуштањето во оптек на фалсификуваните производи.

– Еден од главните приоритети на Царинската управа на Република Македонија е унапредување на институционалниот и административен капацитет за ефикасна и ефективна борба против фалсификатите и пиратеријата, преку воведување зајакнати мерки на царинска контрола за откривање и спречување увоз, транзит и извоз на стоки што го повредуваат правото од интелектуална сопственост, како и зголемена соработка со носителите на ова право и нивните застапници во Република Македонија од една страна со сите надлежни институции во земјата и странство од друга страна, посочуваат во соопштение од Царинската управа на РМ.

На настанот присуствуваа и експертите од ЕУ, соработници на Твининг проектот, претставници од Државниот завод за индустриска сопственост и останати релевантни институции.

Кампањата продолжува во Тетово на 28-ми овој месец

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top