| четврток, 6 декември 2018 |

Г.г. Стефан во Тетово: Да размислуваме за христијанските придобивки

Архиепископот охридски и македонски, г.г. Стефан, чиноначалствуваше со светата архиерејска литургија што по повод празникот Источен петок – Балаклија се одржа денеска во црквата „Света Богородица“ во Тетово.

На одбележувањето на празникот посветен на пресвета Богородица, што се прославува на првиот петок по Велигден, учествуваше и митрополитот тетовско-гостиварски, г.Јосиф, повеќе свештенослужители од тетовското намесништво на МПЦ – ОА, како и голем број верници.

Пред присутните г.г. Стефан порача да размислуваме за христијанските придобивки и со нашиот живот и нашите дела да потврдуваме дека воскресението живее и во нашите души и оти сме народ на верата и на Бога.

– И ние самите, но и другите забележале дека сме добродушен, кроток и гостопримлив народ. За други сме подготвени да дадеме сѐ што имаме и лебот од устата што вели народот да го поделиме со други. Од кај нас во Македонија гладен и жеден никој не си отишол. За други сме подготвени да дадеме и она што за себе малку имаме. Тоа веројатно е најмногу поради христијанското во нас, поради евангелското во душата на македонскиот човек. Но, има и нешто за кое треба да се прашуваме зошто е така, бидејќи сосема сме други кога се во прашање меѓусебните, македонски односи и работи – рече г.г. Стефан.

Ништо меѓу нас или многу тешко, посочи, ги договараме и решаваме работите, па дури и оние што се од национален и државен интерес.

– Дури и за духовните, црковните работи кога расправаме најпрвин го гледаме личниот, партискиот, а не заедничкиот интерес, го гледаме личното и сегашното убедување, а не она што е вековно присутно и меѓу нашиот народ и меѓу поголемиот број цивилизирани народи. На Македонија ако и го одземеме или непризнаеме христијанското што ќе остане од неа. Ако имаме нешто со што може да се гордееме, тоа е нашето духовно, христијанско наследство и затоа ќе прашам зошто некои се противат на задолжителното воведување на веронауката и на можноста младите генерации да ја знаат верата на нашите постари, да знаат што е ова што е создавано на христијански основи во Македонија, рече г.г. Стефан.

Во рамки на одбележувањето на празникот верниците се поклонуваа пред иконата на пресвета Богородица и според традицијата оставаа црвено велигденско јајце. Согласно црковните обичаи, во дворот од црквата митрополитот тетовско-гостиварски г. Јосиф ја освети водата од која земаа верниците за здравје.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top