Германската полиција уапсила утрово 28-годишно момче, осомничено за бомбашкиот напад на автобусот со фудбалерите на Борусија Дортмунд пред десет дена, соопштено е денеска од германското обвинителство.
Германците откриваат дека е уапсен Русинот Сергеј В., кој имал и германско државјанство. Според истражителите Сергеј сам го осмислил и спровел нападот на автобусот пред мечот на Борусија со Монако. Во нападот, како што е познато, беа повредени дефанзивецот на Борусија, Марк Бартра, како и еден полицаец кој беше во придружба на автобусот.
Истражителите на местото на злочинот пронајдоа писмо во кое се наведува дека одговорноста за нападот ја преземаат исламистичките екстремисти, но веднаш се посомневаа во неговата вистинитост.
Во денешното соопштение од германското обвинителство се нагласува дека мотивот на напаѓачот е од финансиска природа. Со нападот сакал да ја спушти вредноста на акциите на германскиот тим, а во текот на истрагата откриено е дека преку интернет Сергеј В. купил акции од клубот во вредност од 78.000 евра.
Русинот е обвинет за обид за убиство, нанесување тешки телесни повреди и предизвикување експлозии на јавно место. Уапсен бил покрај градот Тубинген, во обид за заминување од Германија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.